За да нема застој, Алиу нагласи дека Секторот за стоматологија во Министерството, заедно со вработените од Комората, ќе ги процесира сите барања

Стоматолозите од денеска можат да ги поднесуваат своите апликации за лиценци директно до Министерството за здравство. Министерот Азир Алиу изјави дека Министерството ги презема надлежностите за лиценцирање и релиценцирање, со цел да се обезбеди континуитет во нивната работа.
Министерот уверува дека овој чекор е правилен и навремен, бидејќи во спротивно, како што рече, „во септември, октомври, ќе имавме во Македонија некаде 50 проценти стоматолози без лиценца“.
За да нема застој, Алиу нагласи дека Секторот за стоматологија во Министерството, заедно со вработените од Комората, ќе ги процесира сите барања.
„Нема да има застој, само ќе има ред и ќе има закон“,
рече министерот.
Целта на овој потег, како што рече, е да се осигури дека стоматолозите имаат валидни лиценци и дека пациентите добиваат квалитетни услуги.
Инаку, Алиу во саботата рече дека Министерството за здравство при надзорот на документите на Стоматолошката комора детектирал сериозни пропусти како едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати кои неправилно се користеле за продолжување на лиценците. Тој додаде дека Здравство ги презема надлежностите за лиценцирање на Стоматолошката комора.
Ваквиот чекор тој го нарече почеток на реформа која треба да ја врати довербата, која треба да обезбеди интегритет и која ќе гарантира дека секој стоматолог ја продолжува лиценцата со знаење и со вештини усогласени со најновите светски стандарди.
Вчера, пак, реагираа од Стоматолошката комора од каде рекоа дека имале неколку контроли, но, оти не биле констатирани неправилности во работењето.
Претседателот на Стоматолошката комора, Марјан Денковски, ги демантира и наводите дека на Комората ѝ биле дадени насоки, а таа не постапила.
Денковски посочи дека имале интензивна комуникација со министерот за здравство минатата недела и дека заклучиле доколку има некакви неправилности, Комората да ги исправи.
Со реакција на Денковски се јавија од министерството од каде рекоа дека биле формирани две комисии за надзор над законитоста на работата на Стоматолошката комора и во двата случаи се констатирани неправилности, по што е укажано во законски рок да се отстранат, но не е постапено.