За време на истражната постапка, како што се вели во обвинението, тој успеал и да ја продолжи возачката дозвола. Од тие причини кавадаречното обвинителство побара да се изврши проверка на начинот како обвинетиот се стекнал со возачката дозвола и инвалидската пензија, како и да се испита веродостојноста на медицинската документација
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кавадарци поднесе обвинение против возачот што на 3 декември 2024 година со камион и истечена возачка дозвола, но и со утврдена попреченост – слепило од 99 отсто, усмрти жена на регионалниот пат Пепелиште-Неготино.
Се гони за делото тешки дела против безбедноста во сообраќајот.

Според образложението на обвинението за настанот, обвинетиот на 3 декември 2024 година на регионалниот пат Пепелиште-Неготивно управувал товарно моторно возило марка „ситроен џампер“ со истечена возачка дозвола, и покрај тоа што имал утврдена попреченост – слепило, со 99 отсто намалена видна функција.
„На критичното место Лаки со ретровизорот од камионот удрил во главата на пешакот Ангелина Ангелова, која од ударот е отфрлена од патот и ѝ се нанесени тешки телесни повреди, како фрактура на черепот, пршлени и повеќе коски од што починала“,
велат од Обвинителството.
Кај оштетената, пак, е утврден одреден пропуст бидејќи имала можност визуелно да го забележи товарното возило и навреме да го избегне. Но, тој пропуст, според извршеното вештачење, е од секундарен карактер.
Дополнително, во текот на истрагата, ОЈО Кавадарци утврдило дека обвинетиот е корисник на инвалидска пензија и додаток за попреченост, но сепак управувал со возило.
За време на истражната постапка, како што се вели во обвинението, тој успеал и да ја продолжи возачката дозвола.
Од тие причини, кавадаречното обвинителство побара да се изврши проверка на начинот како обвинетиот се стекнал со возачката дозвола и инвалидската пензија, како и да се испита веродостојноста на медицинската документација.