Советот на Европа има пропишано правила за фазите низ кои поминува постапката на предлагање на судија во Европскиот суд за човекови права, така што доколку дојде до нарушување на овие правила, за тоа официјално ќе го известам Советот на Европа, вели кандидатката Ристоска
Двајца од тројцата кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, обвинителката Ленче Ристоска и апелациската судијка Габриела Гајдова, во изјава за Телевизија 24 бараат од Владата јавно да соопшти зошто донела одлука со која утврдила дека не ги исполнуваат предвидените услови. Имено, утрото, како што објави „Слободен печат“, Владата одлучила да не ја прифати листата од тројца кандидати за судии од Стразбур, која пред повеќе од два месеца ја изготви комисија формирана токму од неа и да се формира нова комисија која ќе направи нов избор.
Причината поради која Владата одлучила да ја отфрли листата изработена од досегашната комисија е, како што велат, „поради тоа што претходните предложени кандидати за судија во ЕСЧП не ги исполнуваа предвидените услови“.

„Ги следам случувањата околку одлуката на Владата за формирање на нова комисија која треба да ја продолжи постапка за предлагање на судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Советот на Европа има пропишано правила за фазите низ кои поминува постапката на предлагање на судија во Европскиот суд за човекови права, така што доколку дојде до нарушување на овие правила, за тоа официјално ќе го известам Совет на Европа. Во врска со ставот на Владата дека кандидатите не исполнувале услови, во име на транспарентноста би било корисно Владата да соопшти кои кандидати не ги исполнуваат кои услови, како и во која постапка е ова утврдено”,
вели обвинителката Ленче Ристоска за ТВ 24.
Кои услови не ги исполнува и како тоа Владата го проценила, прашува и апелациската судијка Габриела Гајдова.

„За одлуката на Владата дознав од објава на интернет-портал. Доколку е вистина дека листата е вратена поради неисполнување на услови, би било во ред да знам кои се тие услови кои не ги исполнувам, со оглед дека Комисијата по оценка на сите аспекти и по спроведено интервју кое воопшто не беше лесно, оцени спротивно“,
вели во изјавата за ТВ 24 апелационата судијка Габриела Гајдова.
Третиот кандидат, адвокатот Јордан Апостолски, е недостапен за медиумите.