Италијанската премиерка Џорџа Мелони го оцени за позитивно тоа што е постигнат трговски договор меѓу ЕУ и САД, но сепак посочи дека за конечна проценка е потребно да се видат сите детали од договорот. И германскиот канцелар Фридрих Мерц смета дека потпишаната рамковна спогодба е добра, зашто со неа се избегнува трговската војна и се заштитува автомобилскиот сектор
По неколку неделни преговори, Европската Унија и Соединетите Американски Држави (САД) конечно постигнаа рамковен договор. Со тоа, договорот што го постигнаа американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, одредува компромисна тарифа од 15 отсто на сите стоки од Европската Унија што се увезуваат во САД, што е значително пониско од првично најавените 30 отсто царини со кои закануваше Трамп доколку не се стаса до спогодба до 1 август.

Италијанската премиерка, Џорџа Мелони го оцени за позитивно тоа што е постигнат трговски договор меѓу ЕУ и САД, но сепак посочи дека за конечна проценка е потребно да се видат сите детали од договорот.
„Мислам дека е позитивно што постои договор, но додека не ги видам конкретните одредби, не можам целосно да судам“,
рече таа.
И германскиот канцелар Фридрих Мерц смета дека потпишаната рамковна спогодба е добра, зашто со неа се избегнува трговската војна и се заштитува автомобилскиот сектор.
„Овој договор спречи трговски конфликт што сериозно ќе ја погодеше германската економија ориентирана кон извоз“,
кажа тој.
Според него, од овој договор автомобилската индустрија ќе има особена корист, бидејќи постојните цени од 27, 5 отсто ќе се намалат на 15 отсто.
Сепак, договорот што вчера беше објавен од американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен е критикуван од француската опозиција.
Лидерката на крајната десница „Национален собир“, Марин ле Пен го нарече договорот политички, економски и морален неуспех. Ја обвини Европската комисија дека прифатила нерамноправни клаузули, а дека со договорот се прави безусловна капитулација на француската индустрија, но и на енергетскиот и воениот суверенитет на државата.
Според генералниот секретар на француската Социјалистичка партија, Пјер Жуве, договорот ја прави Европа вазал.
„Треба да бидеме среќни што ни наметнале само 15 отсто царини? Фон дер Лајен жртвуваше работни места, индустрија и животна средина, ветувајќи 600 милиони долари инвестиции и купување американски течен гас“,
кажа тој.
Вашингтон и Брисел постигнаа договор што предвидува царина од 15 отсто за повеќето производи од ЕУ, како и обврска ЕУ да купи енергенси од САД во вредност од 750 милијарди долари и дополнителни 600 милијарди долари инвестиции во американската економија.
Претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, го оцени договорот како добар и посочи дека ЕУ и САД договориле целосно укинување на царините за некои производи.