Кога еврозоната е економски силна, тоа се одразува на зголемување на увозот од региони како Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, бидејќи има јасна и сигурна побарувачка од европските индустрии и потрошувачи
По неколку месеци тензични преговори, Европската унија и Соединетите Американски Држави конечно постигнаа историски трговски договор, избегнувајќи ескалација на тарифна војна која можеше да го закочи глобалниот економски раст. Финансиските пазари исклучително позитивно реагираа на оваа информација.
Индексите на европските берзи се искачија а автомобилските гиганти како Volkswagen, Stellantis, Mercedes-Benz и Porsche забележаа скок на акциите од 6% до 7%, додека Stoxx 600 индексот порасна за 1,08%, а фјучерсите дури за 1,8%. Раст бележат и главните индекси во Германија (DAX), Франција (CAC 40) и Велика Британија (FTSE 100).
Еврото зајакна веднаш по објавата, компензирајќи ги последните загуби и покажувајќи стабилност во однос на доларот. Експертите очекуваат дека договорот ќе ја намали нестабилноста на девизниот пазар што е важно за инвеститорите и компаниите кои работат на меѓународни пазари и ќе создаде погодна клима за инвестиции бидејќи за пазарите спогодбата е сигнал за намалување на трговските тензии и на несигурноста.
Намалувањето на непредвидливоста создава подобра клима за инвестиции во еврозоната и пошироко, затоа што помалку економска неизвесност значи и помал ризик за вложувачи и бизниси. Очекувањата се дека стабилното евро ќе придонесе кон пораст на довербата во економијата, олеснување на финансирањето и подобрување на трговските текови во следните месеци и години.

Сепак, експертите предупредуваат дека на подолг рок, повисоките царини и други ограничувања сепак можат да влијаат на корпоративните резултати и економскиот раст, но моменталната реакција на еврото е позитивен сигнал за финансиските пазари.
Оваа проценка од експертите и аналитичарите ја илустрира сложеноста на договорот меѓу ЕУ и САД. И покрај позитивната реакција на краток рок постојат повеќе ризици и предизвици за долгорочниот развој.
Главното предупредување е дека иако царините се намалени и спогодбата создава одредена стабилност, се уште постојат тарифи кои може да го кочат растот на извозот и да го намалат профитот на компаниите, особено во индустриските сектори како автомобилската индустрија, машинството и други извозно ориентирани гранки. Тие ефекти најверојатно ќе се одразат на конкурентноста на европските производители на американскиот пазар.
Сепак, ЕУ гледа на оваа спогодба како неопходен компромис со цел да се зачуваат работни места и индустриско производство на нејзина територија, да се намалат натамошните трошоци и несигурност од евентуална трговска војна. На тој начин, договорот служи како „привремена“ рамка на соработка која им овозможува на компаниите да планираат понатаму без нагло влошување.

Американската страна, пак, го карактеризира договорот како значаен успех – „најголемата трговска спогодба во последните децении“ – поради фактот што го намалува трговскиот дефицит во корист на САД и поттикнува американски инвестиции преку договорените набавки.
Во суштина, договорот создава билатерално поле за игра каде што се балансираат интересите и ризиците, но вистинските последици ќе бидат видливи во наредните години, во зависност од глобалните економски трендови, примената на договорот и натамошните политики како и развојот на технолошката и зелена трансформација на индустриите.
Какво ќе биде влијанието на договорот меѓу САД и ЕУ врз македонската економија?
Според познавачите и еспертите, трговскиот договор меѓу Трамп и фон дер Лајен како стратегиска геоекономска спогодба ја дефинира и стабилноста и конкурентноста на еврозоната, која е најважниот економски партнер на Македонија. Договорот обезбедува стабилноста за европската индустрија ѝ и овозможува на еврозоната да ги избегне економски шокови, одржувајќи го индустриското производство и вработеноста. Кога еврозоната е економски силна, тоа се одразува на зголемување на увозот од региони како Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, бидејќи има јасна и сигурна побарувачка од европските индустрии и потрошувачи. Климата на предвидливост и економска соработка поттикнуваат странски директни инвестиции – и од Европа, и од трети земји, бидејќи инвеститорите ја гледаат еврозоната и регионот како стабилни, профитабилни и ниско-ризични дестинации.
„Овој договор меѓу другото покажува дека дури и во ранливи моменти, ЕУ може со дипломатски пристап да обезбеди долгорочни решенија кои ги штитат и нејзините компании, но и да отвора можности за индиректни придобивки за соседите и за претендентите за членство во нејзиниот клуб. Во услови кога регионалната економија е тесно поврзана со економијата на ЕУ и со глобалните трговски текови, секое зголемување на стабилноста и предвидливоста во односите меѓу големите економски играчи негативно влијае на ризиците и позитивно на можностите за развој на помалите економии како македонската“,
велат познавачите.