Националистичката реторика е предвидлива, статична, свесно несофистицирана, свесно избегнувајќи каква било амбивалентност. Природно, националистичката реторика е и инструментализирана и манипулирана од политичарите, пишува професорката по историја на Универзитетот Илионис, Марија Тодорова, во колумна за Дојче веле со наслов „За среќата и национализмот“.
Тодорова, која важи за една од најеминентните светски историчарки, чија специјалност е историјата на источна Европа, Балканот и Османлиската Империја, со посебен фокус во колумната пишува за најновите бугарско-македонски односи и за објавувањето на бугарската брошура „За официјалниот јазик на Република Северна Македонија“.
Националистичката реторика, смета Тодорова, се заснова врз категории на апсолутна вистина, каде што фактите зборуваат сами за себе, и врз биолошкото поимање за примордијалноста на нацијата.
„Формирана како таква во 19-ти век, оваа реторика многу малку е променета, иако дури и во рамките на овој церемонијален дискурс постојат нијанси на интензитет, од безопасна, и без трошка хумор виктимизација, се до пакосна агресија. Оттука, не е за чудење што публикацијата од 2020 година ги повторува старите клишеа, честопати од збор до збор, со аргументација којашто е искристализирана пред многу децении, како да не постои огромна научна литература за идентитетот/повеќеслојноста на идентитетите, за нациите и национализмот, особено онаа напишана од осумдесеттите години на минатиот век, па се до денес“,
пишува Тодорова.
Според неа, додека политичарите очигледно се обидуваат да извлечат корист од оваа реторика, треба да се биде реален и за штетата која таа може да се направи.
„Сепак, бугарската влада ја призна (прва) територијата и суверенитетот на Македонија, го прифати новото име Северна Македонија и покрај можноста за двосмислено читање. Единственото што и останува на бугарската влада се дефинирање на јазикот и конфликтите околу споделената историја (каде Бугарите немаат монопол врз провокациите). Она што може да се забележи во оваа, не само голема агресивност, е обидот на еден несигурен идентитет да ги јакне своите мускули врз друг уште понесигурен идентитет. Јас не велам дека културните војни не можат да бидат опасни, како што тоа, впрочем, го демонстрираше повеќедецениската тврдоглавост и опструктивност на Грција кон Македонија, но не мислам дека во оваа фаза бугарско-македонските односи влегуваат во таква замка“,
пишува Тодорова.
Целата колумна на Дојче веле.
