Во оп-ед кој следува по објавувањето на извештајот за состојбата на светското население, директорката на Регионалната канцеларија на УНФПА (Фонд за население на Обединетите нации) за Источна Европа и Централна Азија, Флоренс Бауер, го изнесува својот став за дел од клучните прашања кои се поставуваат во јавноста, како што е стапката на фертилитет

Пишува: Флоренс Бауер, директорка на Фондот за население на Обединетите нации, УНФПА, за регионот на Источна Европа и Централна Азија
Што се случува со стапките на наталитет низ целиот свет? Се чини дека речиси секој ден сме бомбардирани со алармантни наслови за уште една земја што достигнува рекордни ниски стапки на наталитет. Во некои места, како што се Украина и Јужна Кореја, стапките на наталитет драстично паднаа под едно дете на жена во просек. Дури и во земјите со традиционално висока стапка на наталитет, стапките опаѓаат. На пример, Турција забележа пад на стапката од 2,2 на под 1,5 за само една деценија. Трендовите на фертилитетот низ поголемиот дел од северната хемисфера се чини дека се движат само во една насока ‒ надолу.
Зошто се случува ова? Кога ќе ги прашаат луѓето колку деца сакаат да имаат, повеќето насекаде генерално одговараат две или повеќе. Очигледно, сигурно нешто ги спречува луѓето да имаат онолку деца колку што навистина сакаат, што ги тера да ги променат своите планови за семејството со текот на времето.
Новиот извештај од УНФПА, Фондот за население на Обединетите нации, говори за тоа што ги спречува луѓето да имаат семејства какви што посакуваат. Анкетиравме 14.000 луѓе во 14 земји во светот за да ги разбереме предизвиците со кои се соочуваат тие.
Најголемата пречка е економска. Повеќе од половина од луѓето (54 отсто) рекле дека нивната финансиска состојба, недостигот на пристапно домување, несигурноста на работното место или високите трошоци за грижата околу децата имале или, пак, би можеле да имаат улога во тоа што немаат онолку деца колку што посакувале.
Други фактори вклучуваат здравствени проблеми, како што се неплодност (24 отсто), страв за иднината (19 отсто) и сексистички норми и проблеми во врската. Ова ги вклучува луѓето што не го наоѓаат вистинскиот партнер со кој ќе имаат деца (14 отсто) и зголемување на бројот на самци, што е делумно предводено од различните родови ставови и вредности што ги имаат младите мажи и жени. Исто така, вклучува и луѓе што сметаат дека придонесот на нивниот партнер во споделувањето на одговорностите за грижа е недоволен (11 отсто).
Извештајот прикажува слика за свет каде што огромен број луѓе едноставно не се во можност да имаат семејство какво што посакуваат. Меѓу луѓето над 50 години, од кои на многумина им завршил периодот за раѓање деца, зачудувачки 40 отсто изјавиле дека имаат помалку деца отколку што се надевале дека ќе имаат.
Можеби изненадувачки, дури и во земјите со ниска стапка на наталитет сè уште има многу луѓе што родиле повеќе деца отколку што сакале. Ова укажува дека луѓето сè уште се соочуваат со тешкотии при добивање пристап до контрацепција и избегнување несакани бремености (и, секако, овој проблем е многу посериозен во земјите со висока стапка на наталитет).
Со толку многу луѓе што не се во можност да формираат семејства какви што посакуваат и со толку широк спектар на причини што влијаат врз нивните одлуки, пораката на извештајот за владите што се загрижени за демографската иднина на нивните земји е јасна: Ниската стапка на наталитет не е вистинската криза; тоа е само симптом. Вистинската криза е нашиот неуспех да ги отстраниме пречките што ги спречуваат луѓето да ги остварат своите соништа за семејство и да имаат онолку деца колку што посакуваат.
Наодите од извештајот ни помагаат да разбереме зошто не успеаја толку многу владини обиди да поттикнат повеќе раѓања со разни „бонуси за бебиња“, даночни олеснувања или други финансиски стимулации. Трошоците за раѓање дете, финансиски, а особено за жените, во однос на изгубените кариерни можности, генерално се толку високи што дури и дарежливите владини исплати покриваат само мал дел од нив.
Понатаму, финансиската поддршка не решава многу од другите проблеми што влијаат врз изборот на луѓето. Што е со тешкотиите со кои се соочуваат многу млади луѓе кога се обидуваат да најдат соодветен партнер? Што е со општествените норми што сè уште го ставаат главниот товар за грижата за децата врз жените? Што е со тешкиот избор што многу жени сè уште се принудени да го направат меѓу тоа да имаат деца и да имаат работа? А што е со стравовите што многу луѓе ги имаат за својата иднина и за иднината на нашата планета?
Создавањето свет каде што луѓето може да имаат семејство какво што посакуваат бара повеќе од парични субвенции. Вршењето притисок врз луѓето да имаат повеќе бебиња, исто така, не помага. Всушност, тоа се заканува да ги поткопа репродуктивните права на луѓето и да го поништи тешко постигнатиот напредок во однос на родовата еднаквост.
Наместо тоа, потребно е владите искрено да ги слушнат особено грижите на младите луѓе и да ги сфатат сериозно. Потребно е владите да покажат дека нема да ги жртвуваат еднаквите права на жените и нивната слобода да донесуваат одлуки за сопствените тела заради бројот на населението. Исто така, потребно е владите да ја засилат поддршката за луѓето кога станува збор за работи, како што се пристапно домување и грижа за деца, политики за флексибилна работа и родителско отсуство, спречување и лекување неплодност и промовирање порамноправни родови норми.
Она што ни е потребно, накратко, е создавање општества што се навистина пријателски настроени кон децата и семејствата, но на начин што ќе ја зачува и навистина ќе ја унапреди родовата еднаквост и репродуктивните права и целосно ќе го поддржува правото на луѓето да немаат деца.
Не постои едно копче што владите можат да го притиснат за лесно да ги зголемат или да ги намалат стапките на фертилитет кога ќе посакаат. Но тие можат да ги отстранат пречките што стојат меѓу луѓето и нивните репродуктивни желби, осигурувајќи дека секој може да има онолку деца колку што посакува.