Генералниот заклучок е – не сите. Колку точно се, во моментов е невозможно да се пресмета. Дел се достапни и функционираат, за дел пишува дека се во прекин, а за останатите не може да се провери бидејќи се достапни само во одредени периоди – на пример, конкурси
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека има предизвици, но и дека постојано се додаваат нови или се надоградуваат постоечките услуги
Скопски Аеродром е општина во која се наоѓа еден од таканаречените центри за услуги. Идејата на Владата е граѓаните што не знаат сами да стигнат до електронските услуги кои ги нуди државата, да дојдат до нив без да се шетаат по шалтери и институции.
„Ваквите канцеларии кога ќе се отворат насекаде, низ целата територија на државата, тогаш ќе може да зборуваме дека во Македонија конечно имаме реална борба против корупција. И ова е во таа насока, дигитализирањето, транспарентните услуги,“
рече Христијан Мицкоски, премиер. (26.10.2025г.)
Ако реалната борба против корупцијата се мери според центрите, треба да се знае дека од 80 општини, центри за услуги има само во осум.
Но, центрите се само за оние што немаат основни познавања од компјутер. Граѓаните кои имаат можат да го сторат истото сами, преку националниот портал.
„Да им го олесниме животот на граѓаните максимално можно, да им биде како да отвориле Фејбук , користењето на Националниот портал за услуги да завршат работа“,
кажа Стефан Андоновски, министер за дигитална трансфромација. (24.06.2025г.)
Така велат политичарите. Ние проверивме – како навистина функционира националниот портал? Како функционираат центрите? И како, всушност, изгледа дигитализацијата во Македонија?

Рурална општина со околу 9 илјади жители – Јегуновце е едно од местата каде што Министерството за дигитална трансформација има отворено центар за услуги. Има еден вработен кај кого граѓаните поднесуваат барања за различни документи.
Седум месеци по отворањето обработени се околу 400 барања. Во просек, по тројца граѓани дневно го посетуваат центарот за да побараат некоја услуга.
„Најчесто бараат за стаж, М1/М2, неосудуваност од основните судови, исто и дали има забрана во Централен регистар на население прекршочна санкција“,
вели Мирослав Михајловски , вработен во Центарот за услуги Јегуновце, Министерство за дигитална трансформација

Тоа што најчесто го бараат другите, посакавме да го добиеме и ние. Согласно насоките, прво потпишавме договор за користење на личните податоци со службеното лице.
За старт, побаравме потврда дека не се води кривична постапка против нас. Добивме одговор дека барањето е испратено до надлежната институција – во нашиот случај Основниот кривичен суд Скопје. Додека го чекавме тој документ, поднесовме друго барање. Од Агенцијата за вработување побаравме пријава, односно одјава за задолжително социјално осигурување или народски кажано М1/М2 образрец. Но…
„И овде проблем. Не знам, се чека. Во ваква ситуација претежно се јавуваме во Скопје, праќаме тикет на системот за поддршка или претежно се јавуваме директно да оди кај човекот, до раководителот на нашиот сектор и автоматски да се испрати до институцијата“,
вели Михајловски.
По неколку неуспешни обиди со преходните, се обидовме да искористиме уште една услуга – замена на лична карта.
Замена со оштетеност, аплицирај. Сервисот во моментов не е во функција. – Тоа е до нив. Значи во МВР е проблемот? – Да.
Поминавме околу еден час во канцеларијата и тоа најавени како новинари. Вработениот беше услужлив и си ја знаеше работата, но доцнењето беше надвор од негова контрола. На крај, сепак, не си заминавме со празни раце.
Во Центарот за услуги во Јегуновце се обидовме да добиеме три документи. Со мали потешкотии успеавме да добиеме еден. Станува збор за уверение за кривична евиденција.
Откако си заминавме, по еден час стигна и М1/М2 образецот. Ни го пратија по електронската пошта која ја оставивме за контакт. Услугата од МВР не ја добивме.
Освен во Јегуновце, дел од услугите ги тестиравме и во центарот што го отвори лично премиерот Христијан Мицкоски, во Општина Аеродром во Скопје. Сместен е во трговскиот центар „Бисер“.

Со оглед на централната локација и бројот на жители во општината, околу 77 илјади, очекувавме повеќе муштерии.
Значи државјанство може? Извод може? – Може, но треба да направиме профил за електронски да се аплицира. Инаку, класично матично како што е во општините нема тука. – Значи, не може да дојдам и да ми издадете листа? На пример, извод од книга на родени? – Ќе поднесеме барање и ќе стигне електронски на самиот профил.
беше дел од разговорот на една граѓанка со вработениот во Центарот за услуги Аеродром.
Оваа жителка на Аеродром не аплицираше за ниту еден документ. Ни раскажа дека дошла за да се информира кои услуги може да се добијат во канцеларијата во „Бисер“.
„Вработениот ми кажа дека за секој што нема свој профил може да се направи од нивна страна. Барање за лична карта, за државјанство, за неосудуваност и уште многу други работи кои што ги има на нивната страна, може да се набават тука“,
вели жителка на Општина Аеродром, Скопје.

Ние се одлучивме да побараме дел од тие документи – уверение за државјанство, потврда за неосудуваност и извод од матичната книга на родените. Државјанството и потврдата за неосудуваност ги добивме веднаш, но не и изводот.
Проблемот е што такво барање не може да се поднесе преку Националниот портал за услуги, туку помалку и апсурдно, преку посебен систем за електронски услуги кој го води Управата за водење матични книги. Документот беше изготвен по викендот, односно за еден работен ден.
Дигиталните услуги не се нешто во што вложува енергија сегашната, туку и сите претходни влади. А и на сегашните и на претходните власти, над глава им виси Европската унија.
Еве што пишува во делот за електронските услуги во последниот извештај на Европската комисија, од октомври 2024 година.
„Во однос на дигиталните услуги, повеќето административни услуги се нудат и онлајн и офлајн преку националниот е-портал за услуги, вклучително и капацитети за лица со посебни потреби. Е-порталот допрва треба да ја заврши неговата надградба со 135 нови електронски услуги. Најчестите услуги, како што е издавањето лични документи, не се достапни на интернет“,
се наведува во Извештајот на ЕК од октомври 2024г.
Настрана од искуствата во канцелариите и последниот извештај на ЕУ, тестиравме и самите – колку услуги им стојат на располагање на граѓаните и уште поважно, дали можат да се добијат.
Има повеќе начини да се провери, но ниту еден не е целосно конклузивен. Ние тргнавме по следниот пат – по најавата на владиниот портал услуги.гов.мк избравме – Услуги за граѓани.
Се отвораат вкупно 676 услуги. Од нив, на 120 е ставена икона дека станува збор за услуги што може да се добијат дигитално. Тоа значи дека само 17,8% од услугите се нудат во дигитална верзија.

Една по една, ги проверивме тие 120 услуги. Дојдовме до заклучок дека сè што е напишано дека е дигитална услуга не е и навистина така, но не беше возможно да дадеме прецизна бројка – што функционира, а што не. Еве и зошто.
За дел од услугите е кристално јасно дека во моментов само про-форма се наведени како дигитални. Такви се, на пример, барањата за вадење или обнова на лична карта, на пасош, на возачка дозвола. Штом одберете некоја од овие услуги и ви се отвори делот каде треба да пополните податоци, пишува – СЕРВИСОТ ВО МОМЕНТОВ НЕ Е ВО ФУНКЦИЈА. Недостапни се и тие што пренасочуваат кон Фондот за здравствени услуги. Меѓу нив се услугите за рефундација на лекови и барањата за надоместоци за време на боледување.
Потоа, како дигитални се наведени и услугите поврзани со аплицирање за стипендии или конкурси. Не можевме да се обидеме да аплицираме за нив, бидејќи се активни само во одреден дел од годината, како на пример – за годишната програма во културата. Наведено е, сепак, што се треба да се собере како документација.

За дел од услугите, како државјанство, извод од родени, потврда од казнена евиденција и друго потврдивме дека може да се добијат електронски, иако не и веднаш во секоја пригода.
На порталот има уште 80-тина електронски услуги кои се однесуваат само на правни лица, кои не бевме во можност да ги тестираме.
Па, упативме прашања до повеќе адреси. До Министерството за дигитална трансформација – колку од услугите се навистина електронски и зошто некои се наведени на порталот, а не се дигитални?
Според објаснувањето од министерот Стефан Андоновски, наведени се услуги кои во моментов можеби не се дигитални бидејќи активно се работи на воведување нови услуги. Паралелно, се надоградуваат постоечките, особено од Управата за водење матични книги која од почетокот на годинава е во склоп на ресорот на Андоновски.

„Донесовме одлука сите услуги од порталот на УВМК да мигрираат на националниот портал и мислам дека веќе од летото ќе имаме еден, наместо два портала, каде граѓаните ќе можат да ги добијат сите услуги од УВМК, на националниот протал услуги.гов.мк затоа што така имаме контрола што се случува и имаме систематичен пристап на работите да не ги трошиме ресурсите двојно. Околу изводите кај нив има рок од 15 дена на издавање затоа што секој извод се потпишува електронски од матичар. Правиме оптимизација затоа што во извештајот на ДЗР беше нотирано дека дел од матичарите воопшто не потпишуваат, а имаат потписи. Тоа е поради автоматизам зашто ако поднесете барање ако сте од Скопје, тоа оди во Скопје, но сега сакаме да направиме напор, оти станува збор за голема електронска база да оди кај првиот слободен матичар и тој да потпише и тој извод веднаш да стигне“,
вели министерот Андоновски.
Што се однесува до најбараните услугите од МВР, како вадење или обнова на лични документи, поголемиот дел од нив се замрзнати на одредено време, вели Андоновски. Останатите кои не може да се добијат електронски, ќе бидат во категоријата информативни.
„Ветувањето е дека некаде во наредните месец дена ќе ги вратиме овие услуги, затоа што се чекаше да се реши проблемот најпрвин со пасошите и личните карти, а потоа и со реновирањето на управните служби во Скопје каде се случуваат практично најголемите метежи. Но во последните разговори со министерот имам информација дека оваа услуга која навистина беше многу користена од граѓаните ќе се врати повторно на порталот. Важно да спомнам дека освен добивање услуга, имаме услуги на порталот кои се информативни – добивате целосни информации за каде да се обратите да ја добиете таа услуга. Таа не е електронска, е на порталот, но е од информативен карактер, што значи може да се информирате,“
додава Андоновски.

Тема на разговор беа и центрите за услуги. Соочен со фактот дека во нив речиси и да нема граѓани кои се обраќаат за помош, тој вели дека не е се во бројките.
„Не секогаш фрекфенцијата, бројката на луѓе кои добиваат услуга е најважна, важна е секако, но многу поважно е според мене дека сме помогнале на луѓе кои немаат пристап, немаат интернет дома , немаат лаптоп, немаат печатач, не можат да испечатат документ, тоа да го направиме ние за нив и да им помогнеме малку во едукација. Околу потешкотиите секако постојат, од техничка природа може да се појават или недостаток на интернет или немање струја во моментот во некој од објектите, но направивме напори и се подобри се техничките можности во центрите и мислам ќе постигнат одлични резултати“,
објаснува Андоновски.
На прашањата, зошто граѓаните не можат да ги добијат услугите кои би требало да се електронски објаснување добивме и од Фондот за здравствено осигурување. Системот, велат оттаму, функционирал за фирмите. За физичките лица, се работело на надминување на „техничко-системските“ ограничувања.
„Дигитализацијата на административните постапки ја третираме како стратешки приоритет и во таа насока, во тек е интеграција на нов систем за автентикација и електронска идентификација, во согласност со стандардите на е-управа, кој ќе овозможи побрз, посигурен и покориснички ориентиран пристап до услугите“,
велат од Фондот за здравствено осигурување.

Од МВР, пак, велат дека со електронските услуги кои се во нивна надлежност, нема никаков проблем. Иако се уверивме и самите, а потврда добивме и од министерот Андоновски.
„Услугите во сопственост на МВР кои се поставени на Националниот портал функционираат во целост. Досега до нас не стасале поплаки од граѓаните во однос на некои од услугите“,
велат од МВР.
Но, веднаш потоа, во одговорот појаснуваат:
„Доколку вашето прашање се однесува исклучиво на дел од услугите за закажување термини за сликање за лични документи со т.н. подготвување на електронско барање, а кое за цел треба да има намалено време за чекање/пополнување податоци од страна на граѓаните и кое согласно дигитализацијата во суштина треба да ја намали употребата на хартијата во работните процеси, должни сме да ве информираме дека за тие услуги што се изработени и поставени на начин како што функционирале, министерството утврди дека истите создале дополнителен хаос и неред во процесот на прием и обработка на барања особено изминатата година, за што пак сведочат стотина поплаки од граѓаните доставени до нашите адреси за контакт. Минатата година МВР воведе дополнително електронско закажување преку сопствениот веб-сајт преку кој досега се реализирани околу 90 000 барања на граѓаните без дополнителен трошок“,
додаваат од МВР.
Дел од канцеларија, дел од дома, податоците на порталот покажуваат дека месечно се поднесуваат околу 6 300 барања за услуги. Очекувањата се тие да се зголемуваат, особено со употреба на мобилната апликација која освен што ќе служи како „дигитален паричник“, се очекува да ги содржи и услугите кои сега се достапни на порталот.
Дали, кога и кои услуги граѓаните ќе ги добијат и електронски, како што кажавме, надгледува Европската унија. Не само затоа што дигитализацијата е важна за пристапниот процес, туку затоа што Брисел дава пари за неа. Дел од дигитализацијата на услугите за граѓаните е поддржана со ИПА фондови. А во реформската агенда од Планот за раст се одвоени околу 67,5 милиони евра, ако земјава ги исполни ветувањата од областа на дигитализацијта на кои самата се обврза.