Според шефот на бугарската дипломатија, властите во С Македонија го довеле Европскиот парламент во исклучително непријатна и незавидна позиција да бара изговори, но, како што додава, Бугарија не треба да се заблагодарува или да се радува на исходот бидејќи Софија ја поддржува земјава на нејзиниот пат кон европската интеграција

Шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев вели дека со отстранувањето на „македонски јазик и идентитет“ од извештајот за С Македонија во Европскиот парламент (ЕП), Софија успеала да спречи ЕП да биде искористен за домашна политичка пропаганда на премиерот на земјава Христијан Мицкоски.
Нарекувајќи го „северномакедонски премиер“, Георгиев во денешното гостување во утринската програма на БТВ изјави дека Мицкоски очигледно не бил воодушевен од развојот на настаните во неговата земја и почнал да води битки на надворешен план, кои, како што оценува бугарскиот министер за надворешни работи, се покажуваат како јалови.
„Бугарија е силна земја, Бугарија е фактор и во Европската Унија и во регионот, што РС Македонија мора да земе предвид. Ние сме земја членка на ЕУ, а РС Македонија е само кандидат засега“,
вели Георгиев.
Според него, властите во С Македонија го довеле Европскиот парламент во исклучително непријатна и незавидна позиција да бара изговори, но, како што додава, Бугарија не треба да се заблагодарува или да се радува на исходот бидејќи Софија ја поддржува земјава на нејзиниот пат кон европската интеграција.
Говорејќи за спорните историски прашања, шефот на бугарската дипломатија вели дека тоа било оставено на историчарите кога бил потпишан Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Скопје и Софија.
„Темите поврзани со јазикот и идентитетот треба да ѝ припаѓаат на научната заедница. Имаме заедничка историја и ова не треба да го експлоатира никој“,
кажа бугарскиот министер за надворешни работи.
Според неговите оценки, македонскиот премиер Христијан Мицкоски спроведува „кризен пи-ар“, веројатно за да се оправда пред сопствените граѓани за неисполнетите ветувања, односно, како што вели Георгиев, затоа што ги излажал.
„Верувам дека граѓаните на РСМ, кои го заслужуваат своето членство во ЕУ и заслужуваат лидери кои можат да ги водат кон тоа, можат да разликуваат што е реално на патот на европската интеграција и што ги оддалечува од неа“,
додава министерот за надворешни работи на Бугарија.
Усвојувањето на амандманите со кои беа избришани референците за македонскиот јазик и идентитет од Извештајот за напредокот на С Македонија, вчера ги коментираше и бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која ги оцени како голем успех за Бугарија.
„Искрено им се заблагодарувам на сите мои колеги европратеници, многу е тешко да се обединат првите три политички сили, парламентарни групи, за да се поништат овие дефиниции, кои првично се појавија во резолуцијата за напредокот на Република Северна Македонија. Ова е еден од случаите што покажува дека кога бугарските политички партии дејствуваат заедно за бугарскиот интерес, кога се поддржани од бугарските институции на сите нивоа, резултатите се успех за Бугарија“,
кажа Јотова, пренесе БНТ.
По гласањето во Европскиот парламент, преку официјално соопштение на својата веб-страница се огласи Министерството за надворешни работи на Бугарија. Оттаму наведоа дека со усвоениот извештај од Европскиот парламент било избегнато вмешувањето на оваа институција во обидите за негова политичка инструментализација од страна на Република Северна Македонија, насочени кон заобиколување на обврските што произлегуваат од таканаречениот европски компромис од 2022 година.
„Во контекст на проширувањето на Европската Унија, прашањата поврзани со идентитетот и јазикот треба да се разгледуваат во рамките на научниот и академскиот дискурс, бидејќи по својата природа не спаѓаат во опсегот на институционалната проценка на напредокот на земјите кандидатки во однос на објективните и мерливи критериуми за пристапување“,
се вели, меѓу другото, во соопштението на бугарското МНР.

За потсетување, Европскиот парламент вчера со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ го усвои Извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за земјава за 2023 и 2024 година. Пред гласањето по документот, беа усвоени амандманите предложени од европратениците Анджеј Халицки во име на Европската народна партија (ЕПП), Кетлин Ван Бремпт во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и Дан Барна во име на либералната група Да ја обновиме Европа (РЕ), со кои се избришани делови од текстот во Извештајот каде што се споменуваа „македонскиот јазик и идентитет“.
Премиерот Христијан Мицкоски во своето, како што го нарече, искрено обраќање, говорејќи низ историска призма, рече дека на виделина излегло дека проблемот не е внесувањето на бугарското малцинство во Уставот, туку зацртаната агенда на Бугарија во однос на нашиот јазик и идентитет кои не ги признава и сака да ги уништи.
Сепак, како што наведе на вонредната прес-конфренеција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, ќе остане запишано и запомнето дека европскиот извештај со македонски идентитет и македонски јазик помина на Комитетот за надворешна политика при Европскиот парламент (АФЕТ) и дека пред да се донесе, како што го нарече, оној срамен амандман, се најде на масата на сите европратеници кои гласаа во рамките на Европскиот парламент, што, според него, е првпат во независна Македонија.
Тој најави низа иницијативи и активности, за кои очекува сојузништво и заедништво со Македонската академија на науките и уметностите, со партиите на етничките заедници во државава, со опозицискиот СДСМ и другите кои сакаат да помогнат да покажеме на светот дека сме тука и дека сè уште стоиме.
Австрискиот европратеник Томас Вајц, кој е и известувач за земјава во ЕП и го подготви Извештајот, по гласањето изјави оти смета дека признавањето на идентитетот и јазикот на земја кандидат за членство во Европската Унија би требало да биде природна и непроблематична работа.
Тој посочи дека амандманите на првичната верзија на документот за референците за македонскиот идентитет и јазик потекнувале од четири групи во Европскиот парламент и оти смета дека тоа не било грешка, но во демократски процес се одлучило таа тема да не се вклучува во овој Извештај.