Според информациите на ЦУК до 7 часот утрово сè уште се активни пожарите кај Блаце во скопско Чучер-Сандево, кај депонијата во село Визбегово во општина Шуто Оризари, потоа пожарот кај селото Бешиште, Прилепско и четири пожари на територијата на општина Македонски Брод. Активни се пожарите и во општина Чашка под Солунска глава и во општина Дојран кај селото Николиќ
Пожарот меѓу селата Градец и Лозаково во општина Крива Паланка, каде вчера беше критично, како што информираат од ЦУК, е ставен под контрола
На територијата на државата во изминатото деноноќие гореле 63 пожари од кои девет се сè уште активни, соопшти утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК) на својот официјален фејсбук-профил.

Според информациите на ЦУК до 7 часот утрово сè уште се активни пожарите кај Блаце во скопско Чучер-Сандево, кај депонијата во село Визбегово во општина Шуто Оризари, потоа пожарот кај селото Бешиште, Прилепско и четири пожари на територијата на општина Македонски Брод.
Активни се пожарите и во општина Чашка под Солунска глава и во општина Дојран кај селото Николиќ.
На повеќето локации гори мешана шума и ниска вегетација, освен во Визбегово каде вчера избувна пожар на депонија.
Според ЦУК, во меѓувреме е локализиран пожарот на територијата на Кочани, на местото Бабиште помеѓу селата Јастребник и Полаки каде беше зафатена ниска вегетација и мешана шума.
Големиот пожар меѓу селата Градец и Лозаково во општина Крива Паланка, каде вчера беше критично, како што информираат од ЦУК, е ставен под контрола.
Според информациите, под контрола се и пожарите на градската депонија „Острец“ во Делчево, кај селото Драгобраште, Виничко и кај селото Ларце во Желино каде на различни локации горела мешана шума.
Надлежните служби во изминатите 24 часа успеале да изгаснат 49 пожари и тоа:
- Скопски регион: Гази Баба (Смилковско), Шуто Оризари, Куманово (11 локации), Чучер Сандево
- Пелагониски регион: Прилеп (7), Битола, Могила, Крушево (2)
- Вардарски регион: Велес (5), Кавадарци, Росоман
- Источен регион: Кочани, Виница, Делчево, Пробиштип (3), Чешиново-Облешево
- Североисточен регион: Ранковце, Кратово, Старо Нагоричане (2)
- Југоисточен регион: Радовиш, Ново Село, Дојран
- Повардарски регион: Свети Николе (3)
- Полошки регион: Желино (2), Теарце, Гостивар, Јегуновце

Поради сериозноста на ситуацијата вчера попладне заседаваше Кризниот штаб во Владата по што прес-конференција одржа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој изјави дека причината за распламтување на пожарите биле неповолните временски услови и силниот ветер, а за дел од пожарите, како што додаде имаат сомневање дека се подметнати од човечки фактор и се испитуваат неколку наводи.
Министерот информираше и дека вчера бил активиран и механизмот за европска помош за справување со пожарите и дека Грција веќе испратила дв канадери и два пешадиски тимови кои дејствувале врз пожарот кај селото Николиќ во Дојран.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, согласно Законот за управување со кризи, потпиша одлука за учество на дел од Армијата во гаснењето на пожарите, информира вчера од нејзиниот Кабинет.
Ангажманот на припадниците на Армијата следува откако Владата во вторникот прогласи кризна состојба поради пожарите во траење од 30 дена.
Со ваквата одлука, како што информираше портпаролката на Владата, Марија Митева, се овозможува координирано дејствување на сите надлежни институции – армијата, полицијата, противпожарните единици, Центарот за управување со кризи (ЦУК), Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и локалните самоуправи.