Сообраќајот на скопската обиколница во тој дел е прекинат

Градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски на својот Фејсбук-профил објави дека вечерва на повеќе локации е подметнат пожар на Смилковско Езеро.
Тој додаде дека сообраќајот на скопската обиколница во тој дел е прекинат.
„Ова е геноцид. Сообраќајот од обиколницата е во прекин! Екипите со кризниот штаб се на терен! Се очекува да има прекин и на електричната енергија“,
напиша тој на Фејсбук споделувајќи видео од страшниот пожар.
На Фејсбук се огласи и градоначалникот на Бутел Дарко Костовски кој посочи дека пожарот бил подметнат и нагласи дека на ваков начин не се печалат политички поени.
„Последниот пожар кај Смилковско е подметнат. Има очевидци кои веќе дадоа изјави на МВР. Многу е веројатно најголемиот дел од пожарите да се подметнати. Министерот Панче Тошковски е целосно посветен на расветлување на голем број сомненија за подметнати пожари. Кога на ваков начин најдовте да печалите политички поени, ќе добиете баш соодветен одговор. Секако и ќе бидете жестоко поразени. Жестоко“,
напиша Костовски.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, вечерва на прес-конференција изјави дека причината за распламтување на пожарите биле неповолните временски услови и силниот ветер, а за дел од пожарите, додаде тој, имаат сомневање дека се намерно подметнати од човечки фактор.