Тој додаде дека Извештајот содржи многу теми за различни области и дека фокусот треба да биде на нив и на тоа каков е напредокот на земјата

Мислам дека признавањето на идентитетот и јазикот на земја кандидат за членство во Европската Унија би требало да биде природна и непроблематична работа, изјави денеска известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, австрискиот европратеник Томас Вајц, откако европратениците го усвоија Извештајот за напредокот на земјава, но без референциите за македонскиот јазик и идентитет.
На прес-конференција по усвојувањето на Извештајот, Вајц посочи дека амандманите на првичната верзија на документот за признавање на македонскиот идентитет и јазик потекнувале од четири групи во Европскиот парламент.
„Не мислам дека тие беа грешка, но во демократски процес се одлучи таа тема да не се вклучува во овој Извештај. Мислам дека тоа е демократска одлука што треба да се прифати и ја прифаќам“,
рече Вајц.
Тој нагласи дека Европската Унија е изградена врз принципите на помирување и добрососедски односи, а исто така и на признавање на злосторствата од минатото, што треба да се направи за потоа да се продолжи кон изградба на заедничка иднина.
„Мислам дека треба да се фокусираме на тоа. Сите земји од Западниот Балкан, сите земји од регионот, треба да се фокусираат на тоа за доброто на нашите граѓани, за подобар економски развој, за подобар општествен развој, а особено во сегашната геостратешка состојба, според мене, од најголема важност е да останеме сплотени и да ги здружиме силите во одбрана на нашите европски вредности во овој прилично непријателски глобален свет“,
рече Вајц, додавајќи дека ваквиот став тој им го пренесува и на неговите македонски и бугарски колеги.
Во однос на забелешките од некои бугарски европратеници за прекршување на парламентарните процедурите при подготовката на Извештајот, Вајц нагласи дека против него се води масовна кампања на клевети која е апсолутно неоснована и дека тој целосно ги следел правилата на Европскиот парламент.
Тој додаде дека Извештајот содржи многу теми за различни области и дека фокусот треба да биде на нив и на тоа каков е напредокот на земјата.
Вајц потсети дека ова е прв усвоен Извештај на ЕП за земјава од 2022 година и неговото одобрување со значајно двотретинско мнозинство претставува поттик за државата да продолжи напред кон ефективен почеток на пристапните преговори.
Тој нагласи дека во Извештајот се говори многу за утврдениот напредок на земјата и се наведува дека Северна Македонија е доверлив партнер, особено кога станува збор за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
„Зборуваме за земја што спроведува реформи и поради долгиот период како апликант за членство, таа веќе имплементираше доста законски регулативи во согласност со европското законодавство“,
рече Вајц.
Европратеникот нагласи дека кога земјата ќе ги усвои уставните амандмани што ги штитат правата на малцинствата, веднаш ќе може да започне ефективни преговори за членство.
„Се надевам дека овој извештај придонесува за олеснување на патот за започнување на овие ефективни преговори“,
додаде Вајц.
Според него, во документот се говори и за реформите што треба да се спроведат, за владеењето на правото, независноста на судството, борба против корупцијата, како и за еколошките стандарди во оваа, како што рече, прекрасна земја со прекрасно природно наследство, но исто така и со недостиг во управувањето со отпадот и отпадните води и загадување на воздухот.
„Северна Македонија е земја каде што граѓанското општество има простор за делување, има простор да ги изрази своите мислења и да работи, што не е случај на целиот Западен Балкан. Зборувавме за земја која се обидува да ги преземе потребните чекори кон започнување на пристапните преговори. Важно е што сега го имаме овој Извештај и мислам дека ова е добар чекор напред и со овој оптимизам што го внесувам во овој процес, уверен сум дека ќе бидеме од корист да ја водиме земјата кон потребните реформи, да го поздравиме напредокот што веќе е постигнат и да ја охрабриме Владата да ги преземе неопходните чекори за конечно да почнат пристапните преговори“,
додаде Вајц.