„Од заболените лица, три биле хоспитализирани. Од пет заболени лица се земени материјали за испитување на копрокултура и кај две лица е изолирана Salmonella enteritidis“, велат од Институтот за јавно здравје
До Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во текот на минатиот месец е пристигната пријава за епидемија со труење на храна во Прилеп предизвикана од бактеријата салмонела. Епидемијата била пријавена се вкупно 38 заболени лица кои консумирале иста храна во фабрика во Прилеп. Тројца од заболените се хоспитализирани.

„Од пет заболени лица се земени материјали за испитување на копрокултура и кај две лица е изолирана Salmonella enteritidis“,
информираат од ИЈЗ.
Оттаму додаваат дека Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Прилеп извршил контрола во кујната на добавувачот на храна и во трпезарискиот дел на фабриката од каде што биле земени мостри за микробиолошко испитување. Дополнително биле предложени соодветни санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки, како и редовно и континуирано одржување на хигиена во објектот и чување на прехранбените продукти.
„Објектот за припрема на храна беше затворен до добивање на негативни резултати од земените материјали. По преземање на сите потребни епидемиолошки мерки од страна на Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Прилеп, епидемијата е одјавена на 11 јуни 2025 година“,
додаваат од ИЈЗ.