Европскиот пратеник Томас Вајц, пак, во обраќањето на денешната седница на Европскиот парламент рече дека извештајот за напредокот на земјава за 2023 и 2024 година е важен чекор кон пристапувањето во ЕУ и изрази надеж дека на утрешното гласање ќе биде поддржан од многумина од европратениците
Владата во Скопје има историска можност и одговорност да направи решавачки чекор кон Европската Унија и да го искористи моментумот на проширување кој е очигледен и постои – порача еврокомесарката за проширување Марта Кос во обраќањето пред Европскиот парламент во текот на дебатата за европратенците на извештајот на пратеникот Томас Вајц за напредокот на С Македонија за 2023 и 2024 година.

Кос порача дека извештајот дава јасна порака за поддршка на Европската Унија за европскиот пат на земјата, но ги наведува и условите кои се потребни за нејзино придвижување кон целта.
„За време на моите разговори со лидерите на Северна Македонија во Скопје минатата недела ја истакнав нашата посветеност како ЕУ да ја поттикнеме земјата да продолжи напред во процесот на пристапување. Исто така, во неколку наврати, потсетив на потребните чекори што треба да се преземат за да се отворат пристапните преговорите за кластерот „Основани вредности“. Единствен начин за тоа е да се усвојат уставните амандмани“,
рече Кос во обраќањето пред европратениците.
Еврокомесарката оцени дека извештајот за С Македонија дава сеопфатна и избалансирана проценка на ситуацијата во земјата, вклучително и во клучните области како владеењето на правото, област која, како што рече, покрај независноста на судството, борбата со корупцијата и јавната администрација, треба да биде зајакната.
Европскиот пратеник Томас Вајц во обраќањето пред европратениците рече дека иако Македонија е 20 години на европскиот пристапен пат и има имплементирано значаен дел од европското законодавство, иако требало, досега сè уште формално ги нема започнато преговорите за членство.
„Македонија, која ги преживеа балканските војни од 90-ите години на минатиот век без масовно насилство и во која живеат различни луѓе и различни етнички и религиски групи кои успеаја да изградат мирно општество, некогаш беше предводник во регионот, кога пред 20 години заедно со Словенија го започнаа пристапниот процес кон ЕУ. Каде е Словенија денес, а што се случи со Северна Македонија? Па, имаше некои пречки на патот поврзани со историјата, со војните од минатиот век, со начинот на градење добри билатерални односи со соседите. Но, добрососедските односи секогаш треба да се градат од двете страни, тоа е многу јасно“,
порача Вајц.
Во извештајот за напредокот на земјава, кој утре ќе се најде на гласање пред европратениците, како што додаде Вајц, многу се зборува за уставните измени без кои не може да се започнат пристапните преговори, се говори и за економската состојба на земјава со своите позитивни страни и недостатоци, но и за недоволното искористување на поддршката од ЕУ во услови кога за земјата е многу важно да инвестира во стручни кадри.
„Овој Извештај претставува важен чекор кон пристапувањето во ЕУ и се надевам дека утре на гласањето ќе го поддржат многумина од вас. Ќе го поддржат пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија или барем следниот чекор што можеме да го направиме на конструктивен, заедничка и проевропски начин“,
додаде Вајц.