Премиерот изрази жалење што во 21 век во Европа има такви европратеници што го оспоруваат идентитетот на еден малоброен народ и неговиот мајчин јазик и прават да стане предмет и камен на сопнување во Европскиот парламент, за кој рече дека треба да биде лулка на демократијата во која се почитуваат човековите права
Премиерот Христијан Мицкоски денеска соопшти дека дел од европратениците најавиле дека нема да го поддржат амандманот со кој се бара бришење на термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ во нацрт-извештајот на Европскиот парламент.

Посочи дека ова е првпат од осамостојувањето на државата нејзиниот идентитет и јазикот да бидат вклучени во ваков документ. Обидите тоа да се избрише ги нарече „талибански начин на дејствување“.
„Има голем број на пратеници, членови во Европскиот парламент, што се јавуваат и кажуваат дека нема да гласаат за амандманот кој има за цел на талибански начин, од извештајот што е на маса, по првпат од осамостојувањето на државата, да опфати македонски јазик и македонски идентитет. Тие нема да гласаат да се избришат од извештајот бидејќи досега никогаш во извештајот не се појавиле македонски јазик и македонски идентитет. Не верувам дека и оние што се известувачи во сенка ќе го поддржат тој амандман“,
кажа премиерот одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата од утрешното гласање по извештајот.
Изрази жалење што во 21 век во Европа има такви европратеници што го оспоруваат идентитетот на еден малоброен народ и неговиот мајчин јазик и прават да стане предмет и камен на сопнување во Европскиот парламент, за кој рече дека треба да биде лулка на демократијата во која се почитуваат човековите права.
За овие случувања, посочи дека се последица на работењето на претходната власт.
„Авантурата од 2022 година, пред сè инспирирана од Бујар Османи, а поддржана од политички нејзнајковци како што се Ковачевски и Маричиќ, ја добива својата кулминација и граѓаните можат да видат за што станува збор“,
рече Мицкоски.
Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент на 24 јуни го усвои Извештајот за Северна Македонија за 2023 и 2024 година подготвен од австрискиот европратеник и известувач за земјава Томас Вајц. Во документот на неколку места има референции за признавање на македонскиот јазик и идентитет.
Пред гласањето, германскиот европратеник Михаил Галер од ЦДУ, односно од Европската народна партија, предложи амандман во кој пред терминот „македонски јазик и идентитет” се додава „модерен”. Амандманот не беше ставен на гласање бидејќи против тоа се изјаснија шестмина европратеници.
Трите најголеми политички сили во Европскиот парламент – Европската народна партија (ЕНП), Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите (СиД) и Обнова – се согласиле да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија кој треба да се гласа на пленарната седница на Европскиот парламент на 8 јули.
Ваквата информација на 3 јули ја потврди и бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.
Европратениците денеска ќе дебатираат за предлог-извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц по извештаите на Европската комисија за земјава за 2023 и 2024 година, а утре треба да се одржи гласањето.