На изјавите на Руте реагираше заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, кој иронично изјави дека Руте отишол предалеку со холандските магични печурки
Кина би можела да ја искористи Русија за да го одвлече вниманието на САД од Индопацификот со цел да го нападне Тајван, предупредува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во интервју за „Њујорк тајмс“.

„Ако Си Ѓинпинг реши да го нападне Тајван, прво ќе му се јави на Владимир Путин за да предизвика вознемирување во Европа со напад на територија на НАТО“,
изјави Руте и додаде дека такво сценарио е можно за пет до седум години.
Руте нагласи дека за да се спречи ова, земјите членки на НАТО мора да ја зајакнат својата воена моќ.
„Русија ја гради својата воена моќ со невидено темпо произведувајќи трипати повеќе муниција за три месеци отколку сите земји на НАТО за една година“,
истакна тој потенцирајќи ја соработката на Русија со Северна Кореја, Кина и Иран, што ги поврзува Индопацификот и Атлантикот.
Тој повика на зголемување на трошоците за одбрана на 5 отсто од БДП, според договорот од јунскиот самит на НАТО бидејќи сегашното ниво од 2 отсто е недоволно за заштита на Алијансата.
„Мораме да го подготвиме целото општество, не само војската. Ако не го сториме тоа, ќе мораме да учиме руски“,
предупреди Руте и го истакна огромниот обем на руските инвестиции во вооружени сили, тенкови, противвоздушна одбрана и артилерија.
Тој го посочи и недостигот од одбранбена индустрија во НАТО да се спротивстави на Русија или Северна Кореја и додаде дека Алијансата работи на решавање на овој проблем.
На изјавите на Руте реагираше заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, кој иронично изјави дека Руте отишол предалеку со холандските магични печурки гледајќи заговор меѓу Кина и Русија за Тајван и напад врз Европа.
„Но, тој е во право за едно – треба да учи руски, може да му послужи во сибирски логор“,
напиша Медведев.
Според извори на „Саут Чајна морнинг пост“ (South China Morning Post), кинескиот министер за надворешни работи Ван Ји на средба со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас, изјавил дека Пекинг не може да дозволи Русија да ја загуби војната во Украина, за да спречи САД да се фокусираат на Кина. Сепак, тој негираше дека Кина дава воена или финансиска поддршка на Москва, тврдејќи дека доколку тоа беше случај, војната одамна ќе беше завршена.