Околу измените на Изборниот законик кои се во собраниска постапка, спикерот потенцира дека чека одговор од пратеничките групи да го известат дека се договориле за законот да може да оди во процедура
Претседателот на Собранието Африм Гаши, на денешниот брифинг со новинарите, најави дека локалните избори ќе бидат распишани во рамки на предвидените рокови и оти можно е тоа да биде во првата половина од август.

„Може да се распишат на 8 август. Се ќе биде во рамките на роковите. Изборниот законик има две одредби по кои се водиме. Прво е одредбата да не биде повеќе од 90 или помалку од 70 дена. Втората ориентациона точка е Законот за локална самоуправа каде што се вели дека изборите треба да се одржат во втората половина на октомври. Во рамките на овие два периода, ќе ги распишеме изборите. Најверојатно во првата половина од август“,
рече Гаши.
Во врска со измените на Изборниот законик кои се во собраниска постапка, спикерот потенцира дека чека одговор од пратеничките групи да го известат дека се договориле за да може законот да оди во процедура.
„Немаме најава за Изборниот законик. Се водат разговори помеѓу пратеничките групи, но јас не сум запознаен со тоа. Чекам знак од пратеничките групи дека се договориле и оти ќе може да оди во процедура Изборниот законик“,
рече претседателот на парламентот.