Даниела Димовска за в.д. претседател на скопскиот Основен кривичен суд ја предложи членката на Судски, Данка Ристова, како координаторка за работата на овој суд, а во своето подолго излагање ги наведе и причините зошто при изборот Судскиот совет не треба да се води исклучиво од членот 89 од Законот за судовите
На изборот на в.д. претседател му претходеше полемика меѓу членките на Советот Антоанета Димовска и Тања Чачарова-Илиевска
На денешниот настап на Антоанета Димовска реагираше судијата Ненад Савески со остра порака до членката на Судскиот совет во која директно посочи на членот 89 од Законот за судовите и ја праша Антоанета Димовска зошто постапува спротивно на него

Унапредувањето на досегашниот претседател на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, во судија на Апелацискиот суд Скопје, ја наложи потребата да се распише оглас за избор на нов шеф на Кривичен, а додека да заврши оваа постапка со најголемиот суд во државата да раководи вршител на должност.
Овие две работи беа ставени на дневен ред на денешната 525. седница на Судскиот совет, неколку часа откако Џолев ја даде свечената изјава и со тоа и официјално ја презеде должноста во скопска Апелација.
Членовите на Судскиот совет, без дискусија, со 12 гласа „за“, одлучија да се распише оглас за избор на негов наследник, постапка што ќе потрае, имајќи ги предвид законските одредби.
Во меѓувреме, со скопскиот Основен кривичен суд, како вршител на должност претседател, ќе раководи судијката од овој суд Даниела Димовска.
Таа ја доби довербата на 10 члена на Судскиот совет кои гласаа „за“, додека двајца беа „против“.
За разлика од одлуката за распишување оглас за претседател која помина формално, на изборот на в.д. претседател му претходеше жестока дискусија меѓу членките на Советот Антоанета Димовска и Тања Чачарова-Илиевска.
Причината беше членот 89 од Законот за судовите.
Закон(и)
„Во случај на разрешување или престанок на мандатот на претседателот на судот, до избор на нов претседател на судот, Судскиот совет на Република Македонија од редот на судиите во судот определува вршител на должноста претседател на судот кој во последната година е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на останатите судии има добиено најголем број бодови“,
вели овој член од Законот за судовите.
Инаку, Даниела Димовска за в.д. претседател на скопскиот Основен кривичен суд ја предложи членката на Судски, Данка Ристова како координатор за работата на овој суд.
Таа во своето подолго излагање ги наведе и причините зошто при изборот на Димовска Судскиот совет не треба да се води исклучиво од членот 89 од Законот за судовите.
Според неа, постои невоедначеност меѓу овој и Законот за Судски совет. Ристова посочи дека Законот за Судски совет е понов во однос на времето кога е донесен и според него оценувањето на судиите се врши на секои четири години, додека Законот за судови имплицира дека оценувањето се врши секоја година. Во таа насока, таа посочи дека за последната година не е извршено оценување на судиите, така што врз основа на тој критериум, според Ристова, не може да се врши изборот.
„Како координатор на Основниот кривичен суд Скопје разбирам што има голем интерес за поставување в.д. претседател и сакам да кажам дека притоа се направи подготовка за утврдување кој би бил предложен за в.д. претседател. Во овој период до изборот на претседател на Кривичниот суд уште во подготовките беше спорна и самата процедура за избор на в.д. претседател, па сакам да појаснам дека определувањето в.д. претседател во законите е предвидено само во Законот за судови во членот 89. Во однос на Законот за Судски совет нема одредби за процедурата за определување в.д,. претседател, но за ова очигледно е дека постојат одредени недоследности и ги немаме разработено овие процедури. Во самиот Деловник на Судскиот совет во членот 24, став 2, е наведено дека во случај на разрешување или престанок на мандат на претседател на суд, Советот од редовите на судии кои се позитивно оценети определува в.д. претседател на суд. Овие одредби беа основата како да оди процедурата за в.д. претседател на Основниот кривичен суд и може да се утврди дека не се докрај усогласени. Законот за судовите се однесува на период кога на поинаков начин биле оценувани судии, во тој период бевме оценувани секоја година, така што Судскиот совет имаше податоци за оцена на судии секоја година. Овој податок како Судски совет сега го немаме“,
рече Ристова.

Таа рече дека во вакви услови е направено средно решение, според кое в.д. претседател ќе се избира од позитивно оценетите судии (без разлика кој како е рангиран според бодовите од оценувањето н.з.), а според податоците кои ги има меѓу судиите кои влегуваат во кругот кандидати за в.д. претседател на Кривичен, нема такви кои се негативно оценети.
Чачарова-Илиевска контра Антоанета Димовска и Данка Ристова
По нејзиното излагање во рамките на расправата прва за збор се јави Антоанета Димовска, која кажа дека се согласува со нејзината колешка Ристова и објасни зошто го прифаќа нејзиниот предлог.
„Сме имале разни искуства на одлучување. Јас ќе кажам зошто го прифаќам предлогот. Ја познавам Даниела Димовска, ѝ бев ментор кога ја заврши Академијата за судии и јавни обвинители, лично сум запознаена со нејзиното ’сиви’, не кријам дека одржуваме контакти бидејќи сум ѝ била ментор. Во 2007 г. има дипломирано на Правен факултет како најдобар студент. Има добиено награда за 2005-2006 година, била демонстратор на Правниот факултет, потоа практикант во парламентот. Кога дојде во судот, ѝ недостасуваше судиско искуство, теоретски беше добро поткована. Имаше голем ентузијазам. Се работи за човек со исклучителни менаџерски способности. Тоа го кажувам затоа што лично ја познавам“,
рече Антоанета Димовска.

На наводите на Ристова и Димовска се спротивстави нивната колешка Тања Чачарова-Иливеска. Таа рече дека не може да се согласи со ставот на Ристова дека нема процедури за за избор на в.д. претседател и дека има наводна колизија меѓу законите.
Таа го посочи токму членот 89 од Законот за судовите, а за оценувањето на четири години што го предвидува Законот за Судски совет рече дека е последно оценување и дека тоа треба да биде земено предвид при изборот на в.д. претседател на Кривичен (контекст на членот 89 од Законот за судовите). „Само во исклучителни ситуации кога имаме унапредување Судскиот совет врши вонредно оценување. Не се согласувам (со Ристова) дека в.д. претседател е унапредување, тоа е една ад хок ситуација. Нема потреба од вонредно оценување, туку важат оценките од последното оценување“, рече Чачарова-Илиевска.
Аргументирајќи ја својата позиција, таа наведе претходни примери кога в.д. претседатели биле избирани според членот 89. Потсети дека кога се вршел избор на в.д. претседател на Основниот суд Гевгелија, останатите членови на Советот се спротивставиле на нејзиниот предлог да биде избран највозрасниот судија бидејќи судијката со најголем број бодови била пријавена на огласот за избор на редовен претседател.
„Први ме искритикувавте зошто предложив да се назначи најстариот судија. Последен случај ви е 517. седница. Не гледам зошто сега, тоа што сте биле ментор вам ви е критериум да прескокнеме десет судии со поголем број бодови од тој кандидат и да одиме на единаесеттиот затоа што има добри менаџерски способности. Мојата одлука ќе биде да не го поддржам овој предлог“,
ѝ рече Чачарова-Илиевска на Антоанета Димовска.

На ова Димовска ѝ одговори дека не знае зошто толку лично го сфаќа ова и дека не мора да гласа.
„Јас гласам по закон“,
ѝ возврати Чачарова-Илиевска.
„Јас во ниту еден момент не ве навредив, не е во ред да се навредуваме“,
реплицираше Димовска.
Со овие зборови заврши жешката дискусија меѓу двете членки на Судскиот совет, по што претседателот Александар Камбовски предлогот го стави на гласање. Потоа констатираше дека судијката Даниела Димовска е избрана за в.д. претседател на Основниот кривичен суд Скопје.
Пораката на судијата Ненад Савески
На денешниот настап на Антоената Димовска регираше судијата на Основниот кривичен суд Скопје, Ненад Савески, со остра порака до членката на Судскиот совет, која ја објави и јавно.
И тој директно го посочува членот 89 од Законот за судовите и ја прашува Антоанета Димовска зошто постапува спротивно на него.
„Срам сте за судиите кои гласале за вас! Кој ви даде право во наше име да кршите закон? Зошто постапуваш спротивно на чл. 89? Зошто согласно законот не го бирате најдобро оценетиот судија? Или за тебе законот е најмалку битен? Таму кај што седите нè претставувате нас, судиите! Зошто најсветото нешто за нас судиите го газите? Немате право на тоа! Противправно однесување е недозволиво за некој што е судија! Одете си од таму веднаш и престанете да им штетите на судиите! Брука си! Брука за судиите и за вашето семејство во кое сите се правници“,
вели Савески во пораката.
Дополнително, судијата изричито вели дека во случајот има судир на интереси, бидејќи Антоанета Димовска гласала за судијка на која ѝ била менторка.