„На пример, може да се пријави подолго чекање на некоја клиника, или, пак, некоја нерегуларност, а може да се приложат и фотографии и документи како докази“, информира министерот за здравство Азир Алиу
На веб-страницата на Министерството за здравство граѓаните отсега ќе може да пријавуваат неправилности во здравството. Пријавувањето ќе биде анонимно, но граѓаните ќе може да остават лични податоци како телефонски број и мејл-адреса за надлежните да ги контактираат доколку имаат некакви прашања.

За ваквата новина информира министерот за здравство Азир Алиу на денешниот брифинг со новинарите.
„На пример, може да се пријави подолго чекање на некоја клиника, или, пак, некоја нерегуларност, а може да се приложат и фотографии и документи како докази“,
информира Алиу.
Согласно новината, предвидено е на крајот на секој месец јавно да се објавуваат податоците од пријавите – во кои јавни здравствени установи колку неправилности биле пријавени од страна на граѓаните.
Алиу неодамна најави дека преку веб-страницата на Министерството за здравство граѓаните ќе може да закажуваат средби со министерот. Средбите со граѓаните, кои ќе бидат во времетраење од 15 минути, ќе се одржуваат секој петок, во периодот од 10 до 15 часот. За да закажат средба, граѓаните треба онлајн да ги остават своето име и презиме, телефонски број и тема за разговор