Од американското Министерството за одбрана засега не соопштуваат детали за каков вид оружје конкретно станува збор
Соединетите Американски Држави (САД) ја запреа испораката на дел од ракетите за противвоздушна одбрана и друга муниција на Украина поради загриженост дека американските залихи со ваков вид оружје се премногу мали, изјавиja вчера два извори запознаени со одлуката на Пентагон, пренесоа светските медиуми.

Запирањето на испораката на ова оружје што на Украина ѝ беше ветено од администрацијата на поранешниот американски претседател Џо Бајден, според изворите запознаени со ситуацијата, се случило изминатите денови, а меѓу пратките што доцнат имало проектили наменети за соборување на руски беспилотни летала и ракети.
Одлуката, како што забележува „Гардијан“, доаѓа во период кога Украина се обидува да се одбрани од руските воздушни напади што сè повеќе ескалираат.
Од друга страна, Пентагон соопшти дека на претседателот Доналд Трамп му е оставена можноста да ја продолжи воената помош за Украина во склад со целтa за ставање крај на војната.
„Министерството темелно го преиспитува и приспособува својот пристап кон постигнување на таа цел, додека ја одржува подготвеноста на американските сили во согласност со одбранбените приоритети на администрацијата“,
изјави Елбриџ Колби, потсекретар за политика во Министерството за одбрана на САД.
Американски функционер, кој зборувал под услов да остане анонимен поради информациите кои сè уште не се објавени, рекол дека анализите на Пентагон утврдиле оти залихите на војската на САД со ваков тип оружје се на премногу ниско ниво, поради што се запрени испораките за Украина.
Од американското Министерството за одбрана засега не соопштуваат детали за каков вид оружје конкретно станува збор.
Инаку, информацијата дека САД прекинуваат со дел од испораките на оружје за Киев првично ги објави магазинот „Политико“.
Според анализите на „Гардијан“, САД досега ѝ обезбедија на Украина оружје и воена помош во вредност од повеќе од 66 милијарди долари откако Русија ја започна војната со својот сосед во февруари 2022 година.
Во текот на војната, САД рутински притискаа сојузниците да обезбедат системи за противвоздушна одбрана на Украина, но дел од нив, особено земјите од Источна Европа се двоумат да се откажат од високотехнолошките системи за одбрана бидејќи и тие се чувствуваат загрозени од Русија.
Инаку, американскиот претседател Доналд Трамп на средбата со својот украински колега Володимир Зеленски на маргините на Самитот на НАТО во Хаг минатата недела, ја остави отворена можноста за испраќање повеќе ракетни системи од типот „Патриот“ во Украина, велејќи дека тие ќе помогнат во одбраната на земјата.
„Тие сакаат да ги имаат овие ракети што ги нарекуваат ‘Патриот’. И ќе видиме дали можеме да ставиме некои на располагање. И нам ни се потребни. Со нив го снабдуваме со Израел и тие се многу ефикасни, 100 проценти ефикасни. Тешко е да се поверува колку се ефикасни. Тие го сакаат тоа повеќе од сè друго“,
изјави тогаш Трамп.

Во сведочење пред Конгресот во јуни, секретарот за одбрана на САД, Пит Хегсет, рече дека брзо дејствувал за да ги поништи расипничките програми и да ги пренасочи средствата кон главните цели на Трамп.
Хегсет рече дека договорениот мир меѓу Русија и Украина, кој го промовираше Трамп со месеци, ја прави Америка да изгледа силна, иако Москва е агресорот во конфликтот. Тој, исто така, рече дека буџетот за одбрана вклучува тешки одлуки и „ја одразува реалноста дека Европа треба да се заложи повеќе за одбраната на сопствениот континент и дека претседателот Трамп заслужува заслуга за тоа“.
Секретарот за одбрана во сведочењето рече дека дел од американските трошоци за безбедност за Украина сè уште се во тек, без да даде повеќе детали. Сепак, како што наведе, таквата помош, која беше силна во последните две години, ќе биде намалена.
Русија, која веќе контролира околу една петтина од Украина, продолжува постепено да напредува, заземајќи нова територија во последните недели во југоисточните региони Донецк и Днепропетровск, засилувајќи ги истовремено воздушните напади низ целата земја.
Сите испораки на оружје за Украина накратко беа прекинати во февруари, а потоа повторно за подолг период во март. Администрацијата на Трамп потоа ја продолжи испораката на последните пакети помош одобрени од Бајден.
Новата политика на САД во однос на снабдување со оружје на Украина сè уште не е официјално објавена.