Европската Унија, Обединетите нации и Обединетото Кралство повикаа на дипломатија и воздржаност откако во текот на ноќта САД го нападнаа Иран бомбардирајќи три нуклеарни постројки. ЕУ и британскиот премиер Кир Стармер порачаа дека на Иран никогаш не смее да му се дозволи да развива нуклеарно оружје. Анонимен претставник на НАТО изјавил дека ситуацијата се следи внимателно

Британскиот премиер Кир Стармер го повика Иран да се врати на преговарачката маса и рече дека стабилноста во регионот останува приоритет. Оваа реакција на Стармер доаѓа откако САД во текот на ноќта го нападнаа Иран бомбардирајќи три нуклеарни постројки.
„Нуклеарната програма на Иран е сериозна закана за меѓународната безбедност. На Иран никогаш не смее да му се дозволи да развива нуклеарно оружје, а САД презедоа чекори за ублажување на таа закана“,
рече Стармер.
Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, пак, ги повика сите страни да се вратат на преговарачката маса, но нагласи дека на Техеран не смее да му се дозволи да развива нуклеарно оружје.
„Ги повикувам сите страни да се воздржат, да им се вратат на преговорите и да спречат понатамошно влошување на ситуацијата“,
напиша Калас на платформата Икс.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта денеска изјави дека е длабоко загрижен поради ситуацијата на Блискиот Исток, повикувајќи ги сите страни на воздржаност и дипломатија.
„Ги повикувам сите страни да покажат воздржаност и почитување на меѓународното право и нуклеарната безбедност“,
напиша Кошта на платформата Икс.
Тој нагласи дека дипломатијата останува единствениот начин да се донесе мир и безбедност во регионот на Блискиот Исток.

НАТО внимателно ја следи ситуацијата во Иран откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека американски воени авиони бомбардирале ирански нуклеарни објекти, изјави денеска официјален претставник на Алијансата.
Анонимниот претставник, коментирајќи ја евентуалната реакција на НАТО и можното влијание на американската воена акција врз Северноатлантската алијанса, рече дека ситуацијата, секако, се следи внимателно.
НАТО идната недела организира самит во Хаг, а се очекува дека, покрај ситуацијата во Иран, главни теми ќе бидат конфликтот во Украина и зголемувањето на воените трошоци од земјите-членки.
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш во врска со американските воздушни напади врз Иран денеска изјави дека сега постои зголемен ризик овој конфликт брзо да излезе од контрола, со катастрофални последици за цивилите, регионот и светот.
Во својата објава на платформата Икс, Гутереш посочи дека во овој момент е потребно да се избегне спирала на насилство.
„Нема воено решение. Единствениот пат напред е дипломатијата. Единствената надеж е мирот“,
порача Гутереш.
Инаку, во текот на ноќта САД го нападнаа Иран. Американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл објави дека САД извршиле, како што рече, многу успешен напад врз три нуклеарни постројки во Иран, вклучувајќи го и Фордо.
Набргу потоа Иран изврши одмазднички напад врз Израел погодувајќи цели во Тел Авив. Според израелските служби за итни случаи, најмалку 11 лица биле повредени во нападите.
Иран го задржува правото на сите опции за самоодбрана по бомбардирањето на иранските нуклеарни објекти од САД, објави иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи на платформата Икс и нагласи дека нападите од САД се скандалозни и ќе имаат трајни последици.
Израел ги почна нападите на Иран на 13 јуни нагласувајќи дека целта е да го спречи Иран да развива нуклеарно оружје. Техеран постојано негира дека се стреми кон нуклеарно оружје и тврди дека неговата нуклеарна програма е само за цивилни цели.