Според премиерот, тоа доволно говори во каква состојба е една членка на Европската Унија и кој во суштина го попречува евроинтегративниот процес на земјава
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека би бил најсреќен човек на светот доколку на 24 јуни Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) го изгласа извештајот за напредокот на С Македонија.

Но, како што изјави денеска, деновиве добил информации за нови притисоци и образложенија кои стигнувале од Софија за наводни опасности доколку извештајот биле изгласан.
„Деновиве добивам информации за повторни жестоки политички притисоци од страна на бугарските европратеници и бугарската влада дека ако биде изгласан тој извештај, внимавајте, тоа можело да ги радикализира проруските струи против сегашната проевропска бугарска влада“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по денешното свечено пуштање во употреба на комплексот „Македонско село“.
Според премиерот, тоа доволно говори во каква состојба е една членка на Европската Унија и кој, како што кажа, во суштина го попречува евроинтегративниот процес, обвинувајќи ја во тој контекст и опозицијата во земјава која, вели, е подготвена „само на слепо да потпишува“.
„Замислете кога ние би биле така непромислени и лековерни политичари каде би бил крајот. Но, ние ќе се бориме, ќе продолжиме да се бориме. Дел од членовите во АФЕТ и дел од европратениците ни даваат огромна поддршка“,
рече Мицкоски.
За нас, додаде тој, доволна сатисфакција е што на површина излегла вистинската причина и вистинската стратегија на нашиот источен сосед Бугарија.
„А тоа е – ќе повторам – создавање на сегашна македонска нација, со сегашен македонски идентитет којашто го говори својот мајчин сегашен македонски јазик, а почива на бугарски корени. Тоа е суштината“,
кажа премиерот.
Инаку, извештајот подготвен од известувачот за С Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, како што соопшти тој самиот во интервју за „360 степени“, содржи референции за признавање на македонскиот јазик и идентитет, момент што предизвика реакции од Софија.
Извештајот првично требаше да се гласа на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) на 4 јуни, но гласањето беше одложено за 24 јуни.
Причина за тоа, како што изјави Мицкоски тогаш, биле притисоците од Софија и амандманите што дел од бугарските европратеници ги поднеле на извештајот, а со кои бараат пред македонски јазик и и македонски идентитет да стои терминот „сегашен“ или на англиски „present“.
Во изјава за новинарите дадена на 10 јуни, Мицкоски рече дека високи политичари од Бугарија контактирале високи политичари од Брисел, со цел да го спречат извештајот, со образложение дека сакаат да се избегне дополнително незадоволството кај нив поради процесот околу прифаќањето на еврото.
Бугарските европарламентарци му забележаа на известувачот за С Македонија, Томас Вајц, дека имал средби со политичарите од Македонија, но не и со политичари од Бугарија, како и дека пратеникот задолжен за извештајот бил премногу близок до земјата кандидат.
Во однос на тие забелешките од одредени европратеници кон Вајц, премиерот тогаш рече дека со него се сретнал еднаш кога известувачот дошол во Владата, заедно со група европратеници, меѓу кои имало и двајца бугарски.