Гетеборг и Кочани се далеку географски, но блиски по едно трауматично искуство. И двата града доживеаја слична трагедија со речиси ист број жртви. Гетеборг во 1998, а Кочани во 2025 година загубија многу животи при пожари во дискотеки
Преживеани од пожарот во Гетеборг, пожарникари и социјални работници престојуваа во Кочани за да споделат тага и надеж, но и искуство – како да се најде смислата во една трагедија
29 октомври 1998 година. Простории на македонскиот клуб во Гетеборг, Шведска, биле изнајмени за организирање приватна забава. Тоа биле млади луѓе, најголем дел доселеници од 19 земји. Иако објектот бил предвиден за околу 150 луѓе, внатре имало речиси 400. Пред полноќ избувнал пожар. Огнот тргнал од помошните скали, па влезот станал единствен излез од објектот. Спасувачките екипи набрзо почнале да дејствуваат. Два часа се жртвувале за секој млад живот. Исходот е поразителен – вкупно 63 мртви и 213 повредени. Истрагата открила дека пожарот бил подметнат од неколкумина тинејџери на кои им бил забранет влезот поради расправија.
Дваесет и седум години подоцна. Слична трагедија, предизвикана од различна причина, но со речиси ист број жртви, доживеа Кочани. Во дискотеката „Пулс“ згаснаа вкупно 62 животи, а 211 се повредени. Со тагата секој се справува на различен начин. Луѓето од Гетеборг го наоѓаат својот мир во помагање на луѓе со слична судбина.
„Катастрофите се различни, болката и тагата се секаде исти“
Седумчлен тим од Гетеборг – двајца преживеани од пожарот, двајца пожарникари, двајца социјални работници и координаторот на Центарот за поддршка, три дена престојуваа во Кочани. На средби со родителите на загинатите и со повредените ги споделија тагата, искуството и начините за враќање на надежта.
Параш Лама го преживеал пожарот, но го изгубил својот брат. Поради тоа, вели, морал да најде начин да продолжи по настанот што му го променил животот.
„Секоја трагедија е бесмислена. Бидејќи – која е поентата во неа? Таа е само смрт, загуба и тага. Како, на пример, можам да му оддадам почит на брат ми? Како неговиот живот да има значење? Почувствував дека морам да направам нешто во негово сеќавање и за моите пријатели. Моравме да зборуваме за оваа трагедија. Да ги споделиме искуството и болката“,
вели Параш Лама – преживеан од пожарот во Гетеборг.

Пер Андерс Линдфелд е меѓу пожарникарите што први стигнале на местото. Оттогаш постојано, вели, пред очи му е ужасната сцена со десетици мртви и повредени тела.
„Таа сцена ми зборува многу за патењето и за важноста на оние што први даваат помош и дека секојдневно, во остатокот од мојата кариера, ќе правам сè што можам за им излезам во пресрет и да бидам колку што можам попрофесионален. Таа сцена ми го кажува тоа и ме претвори во нешто“,
вели Пер Андерс Линдфелд – пожарникар од Гетеборг.
Ларс Лилед е координатор на Центарот за поддршка што бил формиран за потребите на околу 5 000 луѓе засегнати од пожарот.
„Тагата е прашање за иднината, тага значи без да сакаме да бидеме принудени да ја редефинираме иднината. Затоа тагуваме. Не е само реакција. Тоа е многу здрав процес, да размислиме каква ќе биде иднината без да заборавиме како беше претходно, но мојата нова иднина. Можеби иднина што никогаш не сме ја посакувале, но сепак мора да се соочиме. Тоа е многу прагматичен психосоцијален совет“,
смета Ларс Лилед, координатор на Центарот за поддршка од Гетеборг.

„Како се справи со болката од загубата на својот брат?“
Во понеделникот, на 16 јуни, на точно три месеци од кочанската трагедија, на отворен настан се сретнаа со повредени, родители на загинати, локални пожарникари, психолози, волонтери од Црвениот крст и други заинтересирани граѓани.
Гостите од Шведска уште еднаш поминаа низ најголемата траума во нивните животи.
„Пред полноќ, таа ноќ, полна со очекувања, се претвори во катастрофа и ноќ што го подели мојот живот на две поглавја. Но, ние бевме убави млади момчиња и девојчиња кои не знаеја ништо за тежината на светот. Само се знаевме едни со други и меѓусебно се сакавме“,
се сеќава Розбе Асланиан, преживеан од пожарот во Гетеборг.
Мајка на девојче од Кочани што загинало во пожарот во „Пулс“ праша: „Како се справи со болката да го загубиш братот, со твојата внатрешна болка и раните што си ги имал на твоето тело?“
„Кога ме гледа одозгора, може да им каже на неговите пријатели и да биде горд велејќи – тоа е мојот брат и сè уште се бори најдобро што може и не дозволува тагата и несреќата да завладеат со него“,
одговори Параш Лама, преживеан од пожарот во Гетеборг.
Токму поради неизмерната болка, стресот и траумата надлежните понудиле психолошка поддршка веќе следниот ден.
„Тинејџерите кои беа на оваа забава беа од, како што беше кажано, 19 различни земји и од Гетеборг, од сите делови на Гетеборг. Ние, младинските работници, кои исто така работиме во различни делови на Гетеборг, се собравме, исто така, како и тие бидејќи тие се знаеја меѓусебно, а и ние исто така се знаевме меѓусебно. Сите овие места, овие младински центри, ние отворивме и младински центри во училиштата, по завршувањето на часовите, ги отворавме училиштата за да можеме да имаме младински центри таму. Но, не со наставници, туку со нас, младинските и социјалните работници“,
вели Елеонор Артфорс, социјална работничка од Гетеборг.
Во годините по пожарот, шведските власти во практика ги примениле научените лекции.
„Шведските закони беа сменети по неколку години. Ја поместија одговорноста од заедницата и од противпожарните екипи на одговорните за зградата и на одговорните за забавата“,
рече Бенгт Холм, пожарникар од Гетеборг .
„И не само за Гетеборг. Туку за целата земја ги сменија законите. Станаа многу построги и ги практикуваме до денес“,
додаде Хели Кунас, социјална работничка од Гетеборг.
„Моравме да им кажеме на младите, иако тие не беа обвинети, вие сте одговорни ако организирате нешто. Почнавме со едукација за организатори. Ако сакате да организирате нешто, работете со овие луѓе, утврдете дека е безбедно“.
додаде Ларс Лилед, координатор на Центарот за поддршка од Гетеборг.

Локалните пожарникари се интересираа дали овој настан влијаел за реорганизација на противпожарните единици.
„Поголемиот исход е новиот закон што дојде по пет години. Во исто време дојде и нов начин на едукација за пожарникари која е двегодишна. Претходно беше околу 15 недели. Значи, две години за да станеш пожарникар. Голем дел од таа едукација е за превенција“,
рече Пер Андерс Линдфелд, пожарникар од Гетеборг.
Присутните си заминаа тивко, но со бура од емоции во мислите предизвикани од средбата со луѓе од друга земја, но со иста мака.
Жителите на Кочани со кои дента поразговаравме немаа дилема дека ваквите настани се корисни.
„Убав гест и голема благодарност до Швеѓаните. Меѓутоа, раната не заздравува. Сеќавањата на тие златни рози што ги ставија во ковчези нема да избледат. Само тие семејства знаат. Таму веќе нема насмевка. Нема веселост. Можеби ќе треба да минат децении, не за да се заборави, туку да избледат. Болката малку да легне.“
„Тоа е многу добра идеја бидејќи тие веќе го имаат поминато тоа искуство, веќе имаат некои трагедии по кои знаат како да ни помогнат нам, воопшто како народ, за ние да можеме да им помогнеме на нашите деца.“
„Добра идеја е. Добро би им дошло. Им треба поддршка. Секаква. Во секоја смисла. И здравствена и психичка“,
велат жителите на Кочани со кои поразговаравме.
Како редење сложувалка
Групата за поддршка од Шведска учествуваше на повеќе настани организирани за нивната посета. На еден од нив, градоначалникот Венко Крстевски рече дека луѓето од Гетеборг носат лекција што треба да се научи.
„Тоа искуство ќе биде повеќе од потребно. Процесот е долг и тежок, меѓутоа е неминовен. Храбро мора да се зафатиме за да го менаџираме. Секој од нас треба да има посебен придонес во реорганизирање на градот и во издигнување“,
рече Венко Крстевски, градоначалник на Општина Кочани.

Шведската амбасадорка Ами Ларсон Џеин вели дека веднаш по првиот контакт тимот од Гетеборг прифатил да го сподели својот пат до заздравување и да допатува во Кочани.
„Секоја катастрофа е различна. Секоја средина е различна. Затоа, ние не сме овде за да пресликаме нешто. Но, патењето и болката се исти секаде. Оваа група дојде со многу скромност и почит кон фактот дека, исто така, има разлики, но тука се да споделат сè што можат за да ги направат тагувањето, закрепнувањето и заздравувањето барем малку полесни“,
смета Ами Ларсон Џеин, амбасадорка на Шведска во Македонија.

Еден цел ден од посетата, гостите од Гетеборг имаа затворени сесии, еден на еден, со сите заинтересирани да споделат и да слушнат за сличното животно искуство, за тагата, болката, но и за надежта.
Беше промовиран и преводот на македонски јазик на книгата „Како редење сложувалка“. Издадена е во 2011 година и прави преиспитување на десетте години по пожарот во Гетеборг.

фото: „360 степени“
„Постои разлика меѓу живеење и преживување“; „Погрижете се да направите нешто добро со вашиот живот“; „Не е во ред да се откажете од волјата за живот“; „Чувајте си го животот и пријателите“. Ова се само дел од пораките во книгата која, како што пишува и во предговорот, ги поврзува несреќата и нормалното секојдневие – процес што бара трпение и внимателност и барем буди надеж дека ќе вроди со плод.