Според шефот на руската администрација во Запорожје, Евгениј Белицки, до денеска наутро повеќе од 600 000 луѓе во речиси 500 населени места во Запорожје останале без електрична енергија откако во гранатирањето од украинска страна била оштетена високонапонската инфраструктура во регионот
Нови напади на украинските сили предизвикаа прекини на електричната енергија во делови од јужните украински региони Запорожје и Херсон, кои се под руска контрола, оставајќи стотици илјади луѓе без струја, објавија руските агенции повикувајќи се на изјави на локалната администрација во погодените региони.

Руските гувернери во двата региони, кои се меѓу клучните области од кои Москва бара Украина да се откаже како услов за ставање крај на војната, соопштија дека украинските напади ги принудиле локалните власти да воведат итни мерки за штедење енергија.
Според шефот на руската администрација во Запорожје, Евгениј Белицки, до денеска наутро повеќе од 600 000 луѓе во речиси 500 населени места во Запорожје останале без електрична енергија откако во гранатирањето од украинска страна била оштетена високонапонската инфраструктура во регионот.
„Поради гранатирањето од страна на украинските вооружени сили, опрема со висок напон беше оштетена во северозападниот дел од регионот Запорожје. Нема електрична енергија во целиот регион“,
објави РИА цитирајќи го Балицки.
Нападите се случија неколку часа откако руските и украинските делегации се состанаа во Истанбул, Турција на преговори за ставање крај на војната, што Москва го условува со многубројни барања, меѓу кои и откажување на Киев од дел од својата територија, односно регионите Запорожје, Херсон, Донецк, Луганск и полуостровот Крим.
По нападите, Министерството за енергетика на регионот Запорожје добил инструкции да штеди енергија, а здравствените установи биле префрлени на резервни извори на енергија.
Во соседниот регион Херсон на запад, гувернерот поставен од Москва, Владимир Салдо, изјавил дека остатоци од соборени беспилотни летала оштетиле две трафостаници поради што повеќе од 100 000 жители во 150 града и села останале без електрична енергија.
Инаку, во текот на зимските месеци украинските градови и села трпеа чести прекини во снабдувањето со електрична енергија бидејќи најголем дел од руските напади беа насочени кон енергетската инфраструктура на земјата.
Изминатите неколку дена украинската војска ги интензивираше свои напади на руски цели откако претходно Москва изврши неколку жестоки напади на повеќе градови и региони во Украина, меѓу кои и главниот град Киев.
Нападите се случуваат во период кога САД под водство на Доналд Трамп се обидува да ги натера двете страни да постигнат мировен договор.
Во неделата, еден ден пред вчерашните преговори во Истанбул, украинската служба за државна безбедност – СБУ, изведе голем и прецизно планиран напад, кој бил планиран повеќе од 18 месеци.
Како што беше соопштено, операцијата под кодно име „Пајажина“ била изведена со помош на квадкоптери скриени во дрвени објекти налик на бараки, а шверцувани и монтирани до самите руски воздухопловни бази. Во нападот биле погодени повеќе од 40 воени авиони на четири различни локации во Сибир.
Меѓу уништените цели се наоѓале и стратегиски бомбардери „ту-95“ и „ту-22“, кои Русија ги користела за лансирање крстосувачки ракети кон украинска територија.
Беспилотните летала биле внесени во Русија, сокриени под покривите на дрвените објекти со вградени механизми за подигнување или монтирани на камиони. На терен, покривите биле кренати со далечинска команда, овозможувајќи дроновите да полетаат директно до целите.