Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази подготвеност за таква средба. Белата куќа потврди дека и Трамп е отворен за средба на лидерско ниво, само доколку Зеленски и Путин изразат подготвеност да седнат на заедничка преговарачка маса
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изрази подготвеност Анкара или Истанбул да биде домаќин на потенцијална средба на украинскиот лидер Володимир Зеленски и претседателот на Русија, Владимир Путин.

Тој ова го изјави по вчерашната втора рунда директни преговори меѓу руската и украинската делегација во Истанбул на која, иако страните не постигнаа договор за прекин на огнот, се согласија за размена на тешко ранети војници и лица под 25 години, како и за враќање на посмртните останки на загинатите војници.
„Мојата желба е да ги соберам Путин и Зеленски во Истанбул или Анкара. Исто така, го поканувам и Трамп на оваа средба… Ќе преземеме чекори за оваа средба по последните разговори“,
рече Ердоган.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази подготвеност за таква средба.
„Разговарав со претседателот на Турција. Ме праша како би се чувствувал во врска со потенцијален состанок на ниво на четворицата лидери – Ердоган, претседателот на САД, Путин и јас. Му реков дека поддржувам состанок на ниво на лидери, бидејќи имам впечаток дека нема да има прекин на огнот без наша средба“,
изјави Зеленски за време на онлајн прес-конференција.
И претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно изрази подготвеност да присуствува на таквата средба, само ако претседателите на Русија и Украина одлучат да седнат на преговарачка маса.
„Претседателот рече дека е отворен за тоа доколку дојде до тоа, но сака двајцата лидери и двете страни да седнат на преговарачка маса заедно“,
изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.