Не криејќи ја болката, тие очекуваат јавноста да застане рамо до рамо со нив, за да не се повтори слична трагедија. Порачаа дека молчат, но дека следат сè и даваат шанса за да се понесе одговорност, но трпението им е при крај

Родителите, семејствата и пријателите на загинатите во ужасната трагедија во Кочани денеска излегоа на осми по ред протестен марш низ градските улици.
Не криејќи ја болката, тие очекуваат јавноста да застане рамо до рамо со нив, за да не се повтори слична трагедија. Порачаа дека молчат, но дека следат сè и даваат шанса за да се понесе одговорност, но трпението им е при крај.
„Господа и госпоѓи јавни обвинители, ние ви се обраќаме вам. Останаа 46 осомничени и тоа повеќе од тие кои треба да одговараат не се ни повикани на распит, не па осомничени. Морате да ги следите доказите, вистинските виновници мора да бидат откриени. „Пулс“ работела нелегално. Треба да се утврди одговорност за институциите, а бидејќи не можете да ги увидите, еве ние ќе ве насочиме. Објектот функционирал без одобрение за пренамена. Наемнина се плаќала на рака. Дали ДПИ, МВР и УЈП имаат записник дека е направена контрола во овој објект? Дали има записници во Општината дека објектот не ги исполнува условите? Еден од градоначалниците се жалел на бучавата, дали некој од нив преземал нешто? Сè ова е јавно достапно и ние на сета болка моравме да ги следиме законските норми за да знаете дека нема да манипулирате со нас“,
порачаа тие на денешниот марш.
Осврнувајќи се на прес-конференцијата во која премиерот Христијан Мицкоски покажа фалсификувана лиценца, тие прашуваат како може цела година „Пулс“ да работи со фалсификувана лиценца кога во Законот за угостителска дејност е наведено „Министерството за економија пред истекот на рокот на важноста на претходно издадена лиценца го потсетува имателот на лиценцата за истекот“.
Дали некој проверил, актуелни министри, директори, ДПИ, УЈП? – прашаа родителите. Тие ги наведоа сите одговорни институции: Општина Кочани, МВР, УЈП, Државен пазарен инспекторат, Санитарен инспекторат и други.
Како што рекоа на протестот, нејасно им е како ниту една институција не извршила контрола толку години.
Ја прашуваат Управата за јавни приходи како „Пулс“ работела со блокирана сметка и зарем не требало клубот да биде затворен уште во септември 2024 година?
„Дали е точно дека УЈП не постапила по својата законска обврска? Дали некој ја стопирал постапката за затворање и ако да, зошто? Ова е синџир од институционални пропусти“,
нагласија родителите.
Во МВР лоцираат одговорност затоа што не извршила контрола за паркинг за работното време на дискотеката и за пиротехника, малолетници и алкохол.
Родителите прашуваат дали се повикани на распит управувачите со пиротехниката во клубот и порачаа дека не е доволна смената на командирите и началниците на СВР И ОВР.