„Нема да се повлечеме од фактот дека критериумите мора да се почитуваат. Бугарија нема билатерален проблем. Ако Скопјe има нешто што треба да го изрази како барање, тоа е пред Брисел и сите земји членки на ЕУ“, изјави Георгиев по денешната седница на бугарскиот парламент на која со големо мнозинство беше усвоена резолуција за напредокот на С Македонија на патот кон Европската Унија (ЕУ)
Користејќи се со идентичен вординг, каков што можеше да слушне при неодамнешната посета на претседателот на Европскиот парламент на земјава, Антонио Кошта, денеска шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев изјави дека нема план Б за Северна Македонија во однос на напредокот во евроинтеграциите и оти единственото решение е во исполнувањето на условот за промена на Уставот.

Министерот за надворешни работи на Бугарија, ова, како што пренесе БГНЕС, го кажа по денешната седница на бугарскиот парламент на која со големо мнозинство беше усвоена резолуција за напредокот на С Македонија на патот кон Европската Унија (ЕУ).
Заблагодарувајќи му се на Народното собрание на Бугарија за, како што рече, неговата активна позиција, Георгиев кажа дека усвоената резолуција уште еднаш покажала дека во бугарското општество постои целосен консензус во врска со Република Северна Македонија, но и со целиот процес на европска интеграција на земјите од Западен Балкан.
Шефот на бугарската дипломатија овојпат не спомена дека Македонија може да се соочи и со други услови освен уставните измени во текот на преговарачкиот процес, како во една негова неодамнешна изјава и само увери дека Софија ќе се придржува до договорот од 2022 година и нема да отстапи, како што кажа, ниту еден сантиметар од него.
„Европскиот воздржан дипломатски тон и однесување на Бугарија, што е во апсолутен контрапункт на понекогаш многу хистеричното однесување на другите земји, не треба да се мешаат со недостаток на активност. Не само во последните денови, туку генерално, политиката на Бугарија во врска со европската интеграција на Западен Балкан, а особено на нашиот сосед РСМ, е целосно стабилна и цврста“,
рече тој.
Георгиев е категоричен дека Бугарија нема да престане да повторува дека усогласеноста со европските барања е она што е потребно за да се постигне напредок и дека критериумите за членство утврдени со консензусот од 2022 година меѓу ЕУ и сите нејзини земји-членки од една страна и РСМ од друга мора да бидат исполнети за Скопје да продолжи напред во процесот на европска интеграција.
Прашан дали Бугарија ќе стави вето во случај разговорите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски со европските партнери да доведат до почеток на преговорите на С Македонија со ЕУ пред да се случат уставните промени, Георгиев одговори дека од сите разговори што ги водел одсега, нема план Б.
„Постои само еден план – промена на уставот, исполнување на критериумите за кластерите, за да може процесот да продолжи напред. Ова е она што го кажа и австрискиот колега – користење на алатките за разговори, но и исполнување на критериумите, промена на уставот, сè што е утврдено со консензусот од 2022 година“,
рече бугарскиот министер за надворешни работи.
Георгиев изјави дека е, како што кажа, збунет од тоа како претставниците на земја кандидат користат многу лекомислени формулации и како имаат информации што се интерни за европските институции.
„Но, ова е тема на која можеби самите европратеници треба да обрнат внимание“,
додаде тој.
Бугарскиот министер за надворешни работи ги повика сите што сакаат да бидат дел од европскиот систем на вредности, одлуки, институции да се придржуваат кон европските правила.
„Нема шанси да бидете во ЕУ ако не сакате да се однесувате европски… Фактот што Бугарија го знае значењето на зборот ‘дипломатија’ и не станува хистерична во секоја пригода не значи дека не е активна, туку напротив. Но, добро сте свесни дека бугарската страна нема да се изложи на тоа да шета наоколу и да лобира во институции каде што тоа не треба да се прави, затоа што мислам дека тоа е дискредитација токму за оној што речиси го признава тоа и го забележуваме ова во последните три дена“,
рече шефот на бугарската дипломатија.
Тој додаде секој месец разговара со своите европски колеги и увери дека Бугарија во разговорите кои се однесуваат на бугарските национални интереси во однос на интеграциските процеси на земјите од Западен Балкан, но и за Украина, Молдавија, многу строго се придржува до заедничката европска политика, која се однесува на архитектурата на безбедноста и стабилноста, особено контекст на руската агресија на Украина.
„Нема да се повлечеме од фактот дека критериумите мора да се почитуваат. Бугарија нема билатерален проблем. Ако Скопјe има нешто што треба да го изрази како барање, тоа е пред Брисел и сите земји членки на ЕУ“,
подвлече министерот за надворешни работи на Бугарија.
Бугарскиот парламент денеска усвои резолуција која се однесува на напредокот на нашата земја во процесот на пристапување кон Европската Унија. Резолуцијата, поднесена од пратеникот Тошко Јорданов од ИТН и група пратеници, како што јави БТА, била едногласно поддржана со 194 гласа „за“.
Во документот се истакнува дека европскиот консензус е договор меѓу земјата кандидат за членство во ЕУ, од една страна, и Унијата како целина, од друга страна, и затоа не претставува билатерално прашање. Меѓу другото, се истакнува дека европскиот консензус се заснова на заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година, преговарачката рамка на Република Северна Македонија и заедничките протоколи меѓу Бугарија и Република Северна Македонија за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан на 1 август 2017 година.
Резолуцијата доаѓа во пресрет на гласањето на извештајот за земјава во Европскиот парламент.
Известувачот за С Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, во интервју за „360 степени“ емитувано вчера (29 мај 2025 г.) рече дека нацрт-документот, таков како што е сега, има неколку референци за признавање на македонскиот јазик и македонскиот идентитет.
„Лично ми е жал што ова е потребно, бидејќи нема сомнеж дека Македонците се Македонци и дека македонскиот јазик е македонски јазик. Лично, не би гледал потреба тоа да се каже. Но, поради некои прашања што беа поставени, особено од бугарската страна, дека македонскиот е независен јазик што се разликува од бугарскиот и дека македонскиот идентитет беше доведен во прашање не само од бугарските соседи, туку и порано од грчките соседи, потребно е да се спомене ова, и тоа е вклучено во нацрт-извештајот“,
вели Вајц.
На прашањето дали за ова ќе има мнозинска поддршка во парламентот и дали има притисок од бугарските колеги европратеници, Вајц вели дека очекува мнозинство за конструктивен извештај, бидејќи има големо мнозинство групи во Европскиот парламент што го поддржуваат процесот на пристапување на Северна Македонија. Но, исто така, додаде оти не може да негира дека бугарските членови на парламентот се незадоволни од текстот и тоа јавно го изразуваат во бугарските медиуми.