„Ова е последниот план на Ахмети, овојпат не преку Таравари и други актери, туку преку Блерим Беџети, шефот на парламентарната група (на ДУИ) и Левица, а инструментот е Данела Арсовска за дестабилизација преку општините. Ако се работи за дивоградби, нема општина што нема дивоградби. Добро е што Арсовска почна од Чаир, но добро е да ја видиме и во Сарај, во Шутка, каде што се нејзините партнери“, изјави денеска првиот вицепремиер и еден од лидерите на ВЛЕН
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска ја оквалификува градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, како инструмент во обидите на ДУИ за дестабилизација на државата.

Тој повторно ѝ порача на Арсовска да се занимава со своите надлежности, а овојпат најави и пријава против неа за, како што рече, лажните тврдења во врска со објектот во Општина Чаир за кој скопската градоначалничка пред два дена излезе со снимка на социјалните мрежи тврдејќи дека станува збор за дивоградба, која, иако изградена неодамна, бил направен обид за легализација на стан во неа како да е од 2011 година.
Изјавата на Меџити, која, како што пренесе МИА, е одговор на новинарско прашање, доаѓа откако судирот меѓу Арсовска и градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, синоќа доби нови димензии.
„Добро е што Данела се појави зашто четири години не сме ја виделе. И кога очекувавме дека ќе каже нешто за ветеното, а несработено во Чаир и Скопје, таа изигрува инспектор, контролор, но заборава дека јавните претпријатија се пред банкрот и ова е најлошо управување на Скопје откако памети историјата, заедно со ДУИ и Левица“,
рече Меџити.
Ваквото однесување на Арсовска тој го доведе во корелација со наводните планови на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за дестабилизација на државата, а кои уште лани кон крајот на летото ги спомена премиерот Христијан Мицкоски.
Меџити изјави дека не треба се заборави оти обидот на ДУИ и Али Ахмети за дестабилизација на државата имал план А, Б, Ц. Последниот бил со лидерот на едното крило на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој реши да се отцепи од коалицијата ВЛЕН. Овој план, според првиот вицепремиер и еден од лидерите на ВЛЕН, пропаднал, а сега, како што додаде, обидот за дестабилизација оди преку општините, а инструментот е Данела Арсовска.
„Најавите беа дека ќе излезе на улица и нема да се врати, но гледаме дека тоа не се случи, бројката на пратеници е во полза на ВЛЕН. Сега ВЛЕН е уште повеќе зајакната. Ова е последниот план на Ахмети, овојпат не преку Таравари и други актери, туку преку Блерим Беџети, шефот на парламентарната група (на ДУИ) и Левица, а инструментот е Данела Арсовска за дестабилизација преку општините. Ако се работи за дивоградби, нема општина што нема дивоградби. Добро е што Арсовска почна од Чаир, но добро е да ја видиме и во Сарај, во Шутка, каде што се нејзините партнери, добро е да каже за синот на шефот на парламентарната група Блерим Беџети, кој има 17 години и Договор за интелектуални услуги во ЈП ‘Комунална хигиена’ каде директор е човек на Блерим Беџети. Не случајно се давиме во ѓубре на ниво на Град Скопје, добро е Данела да се занимава со нејзините надлежности, а не со друго“,
рече првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, кој денеска учествуваше на 6. Меѓународна конференција „Патот до одржливо управување со отпад“, во организација на Македонската асоцијација за управување со цврст отпад (MaSWA).
Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, заедно со група граѓани доцна синоќа истури отпад пред просториите на Град Скопје. Отпадот претходно во текот на денот бил собран од Старата скопска чаршија, чиј дел, според административната поделба на главниот град, ѝ припаѓа на општината со која раководи Ганиу.
Во изјава за медиумите на албански јазик, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, пред просториите на Град Скопје изјави дека отпадот на територија на Чаир не се собира од страна на градското комунално претпријатие, иако граѓаните ја плаќаат услугата.
Подоцна во текот на вечерта, скопската градоначалничка Данела Арсовска преку видеоврска од својот фејсбук-профил во живо се вклучи пред канцелариите на Град Скопје. Рече дека Чаир има долг од седум милиони денари кон Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, но дека и покрај тоа, комуналците го собираат отпадот во интерес на граѓаните.

Нетрпеливоста меѓу скопската градоначалничка Данела Арсовска и чаирскиот градоначалник Висар Ганиу, кој е кадар на владејачката ВЛЕН, почна да се развива откако Арсовска минатата недела изврши обиколка на неколку локации низ Чаир каде што се извршуваат градежни активности, за кои обвини дека се дивоградби.
- (ВИДЕО) Арсовска, покажувајќи дивоградби низ Чаир, му порача на Ганиу дека не се плаши од закани
- Меџити за обиколките на Арсовска во Чаир: Жалам што е жртва на друг нарачател, нека појде и во Сарај
Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје информира дека веќе постапува во врска со сомненијата за дивоградби во скопски Чаир.