Како што посочија од Амбасадата во Скопје, потпишувањето на договорот значи дека Владата на Обединетото Кралство и британските бизниси работат во партнерство со Владата на Северна Македонија и нивниот локален синџир на снабдување за реализација на инфраструктурни проекти низ земјата
Со потпишувањето на партнерството „влада со влада“ се одбележува нова ера во односите меѓу Велика Британија и Северна Македонија, што ќе ја зголеми трговијата и ќе го поттикне економскиот раст, соопшти Амбасадата на Обединетото Кралство во Скопје.

Оттаму велат дека ова партнерство ја поддржува реализацијата на клучни инфраструктурни проекти во различни сектори како транспорт, здравство, енергетика и технологија.
„Ќе може да се потпре на широк спектар на поддршка, вклучително за програми за техничка помош и до пет милијарди фунти поддршка за финансирање проекти во Северна Македонија“,
се вели во соопштението од амбасадата.
Со потпишаното партнерство „влада со влада“, како што посочуваат од Амбасадата во Скопје, се нагласува посветеноста на двете земји да соработуваат на клучни инфраструктурни проекти за социјални, економски и еколошки придобивки.
Со искористување на експертизата и иновациите од двете земји, партнерството ќе го поттикне развојот на инфраструктура.
„Размената на знаење и најдобри практики меѓу нашите две земји ќе биде од централно значење за овој ‘влада со влада’, црпејќи од експертизата во соодветните инфраструктурни области на двете земји. Ова значи дека Владата на Обединетото Кралство и британските бизниси работат во партнерство со Владата на Северна Македонија и нивниот локален синџир на снабдување за реализација на инфраструктурни проекти низ земјата. Овој пристап ќе генерира взаемни придобивки за двете земји преку споделување на иновации за испорака на отпорна инфраструктура што го поттикнува растот“,
велат од амбасадата во Скопје.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и британскиот министер за економија и извоз Герет Томас вчера во Лондон го потпишаа договорот за реализација на инфраструктурни објекти, со кој земјава добива можност за заем од пет милијарди фунти за реализација на капитални проекти.
Во врска со потпишувањето на договорот „влада со влада” меѓу Велика Британија и Северна Македонија, „360 степени” разговараше со британскиот амбасадор Метју Лосон за клучните прашања поврзани со целиот процес – како ќе оди текот на парите, дали веќе се знаат британските компании што би влегле во проектите во Македонија, зошто прво се потпишува документ за економска соработка, а не договор за стратешко партнерство.
Лосон оцени да ова е клучен момент во односите меѓу двете земји.
„Договор влада со влада претставува пресвртница во стратешко инвестициско партнерство меѓу нашите две земји. Тоа вклучува соработка меѓу компании и влади, техничка помош од британски владини институции за поддршка на инфраструктурни проекти. Веќе слушнавте дека Владата веќе ги наведе двата приоритета – брзата железница и здравствениот сектор – болници. Што може граѓаните да очекуваат? Квалитетна и брза изградба на инфраструктура со британска експертиза, според британски стандарди. Во рамки на договорот влада со влада ќе донесеме и институции од нашата страна за техничка поддршка. На пример, ќе имаме специјалисти од јавното здравство кои ќе соработуваат со вашата влада за изградбата на болниците. Исто така, ќе го имаме и конзорциумот ’Кросреил’, ако Владата го сака, а тоа е истиот оној што го изгради и дизајнираше комплексниот инженериски потфат на железничка мрежа исток-запад во Лондон. Значи, ќе ја понудиме оваа техничка експертиза. Што се однесува до финансирањето, постои британска извозна финансиска рамка која го нуди договорот за финансирање. Вкупната рамка е 5 милијарди фунти и досега владата разгледува искористување на околу 2 милијарди фунти, што е малку повеќе во евра, за стратешките проекти во железницата и болничката инфраструктура. Значи, многу бројки се во игра, но треба да бидеме јасни што значат тие. Во смисла на инвестиции и градење на трговската размена, слушнав некои луѓе прашуваат зошто Британија го прави ова сега. Одговорот е – ние сме втор најголем инвеститор тука, а повеќе од половина од трговијата на Британија со Западен Балкан е со преку Северна Македонија. Од наша страна тука станува збор за градење на трговските односи, за стотици милиони фунти економска корист за Северна Македонија и стотици милиони фунти економска корист за Обединетото Кралство. Тоа е дел од владината стратегија за раст и тоа е дел од нашата понуда за подобрено билатерално партнерство“,
вели Лосон за „360 степени“.
Македонската влада пред неколку дена го усвои текстот на договорот откако премиерот Христијан Мицкоски и неговиот британски колега Кир Стармер постигнаа согласност за стратешко партнерство на средбата одржана во рамки на Самитот на Европската политичка заедница во Тирана.