Предупредувајќи дека македонскиот преседан може да има домино-ефект и да ја загрози политиката на проширување на ЕУ, Сиљановска-Давкова побарала од Европскиот совет да предложи решение за оневозможување нови барања и условувања кои ќе го дефокусираат вниманието од реформите на идентитетски прашања

Фото: Кабинет на претседателката
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на средбата со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта нагласила дека Северна Македонија во процесот на европската интеграција не смее да биде колатерална штета на ветото и билатерализацијата на процесот.
Како што се наведува во соопштението од кабинетот на претседателката, Сиљановска-Давкова истакнала дека земјата е фокусирана на спроведување на реформската агенда за достигнување на европските стандарди, нагласувајќи дека Копенхашките критериуми се и треба да останат единствените услови за членство во Европската Унија.
Сиљановска-Давкова подвлекла дека бугарско-македонските недоразбирања и спорови можат да се решат единствено со добра волја, меѓусебно разбирање и почит.
Таа додала дека преговорите за историјата, културата и јазикот не се во духот на меѓународното и европското право и претставуваат негирање на европските вредности и принципи што се утврдени во конститутивните документи на ЕУ во коишто се гарантираат националниот и културниот идентитет, како и интегритетот и дигнитетот на граѓаните.
Предупредувајќи дека македонскиот преседан може да има домино ефект и да ја загрози политиката на проширување на ЕУ, Сиљановска-Давкова побарала од Европскиот совет да предложи решение за оневозможување нови барања и условувања кои ќе го дефокусираат вниманието од реформите на идентитетски прашања.
Таа исто така укажала на многубројните уставни амандмани во изминатите три децении, од кои најголем дел се иницирани однадвор, што ја релативизира важноста на Уставот како највисок правен акт, од една страна и најширок и најважен општествен договор на граѓаните, од друга.
Сиљановска-Давкова потсетила и на практиката при секоја уставна измена да се додаваат нови, чие усвојување е услов за поддршка на првичните амандмани.
Претседателот на Европскиот совет Кошта, како што се наведува во соопштението, искажал разбирање за националните чувства и состојбата во која се наоѓа земјата и изразил став дека не очекува дополнителни политички условувања на македонскиот пат кон ЕУ. Тој оценил дека треба да се искористи моментот на зголемен интерес на ЕУ за проширување, во обезбедување поголема безбедност и сигурност, покрај европеизацијата на регионот, ценејќи ги вложените напори на земјата во изминатите две децении.
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, кој вчера беше во еднодневна посета на земјава, пред средбата со Сиљановска-Давкова беше во Владата каде се сретна со премиерот Христијан Мицкоски.
На заедничката прес-конференција со Мицкоски, Кошта рече дека процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија се одвива навистина предолго време и сега е ред да се испорачаат резултати, а за тоа, како што додаде, потребно е истовремено да чекориме во две паралелни димензии. Она што е договорено во 2022 година е договорено и сега треба да се реализира, нема простор за нови барања, рече Кошта.
Тој ја поздрави, како што рече, одличната работа што беше завршена од страна на С. Македонија и од Владата во поглед на реформската агенда и напредокот кој веќе беше постигнат.
Премиерот Мицкоски порача дека посветеноста на земјава кон процесот на евроинтеграција ќе остане и ќе се засили во претстојниот период и изрази надеж дека тој ќе биде одблокиран со достоинство, како една од основните вредности на Европската Унија.
Потенцира дека ставот за уставните измени останува непроменет и дека ќе остане таков додека Софија не покаже добра волја и не ги спроведе 14-те пресуди од Судот во Стразбур кои се однесуваат на Македонците во Бугарија.