„Ако не се усогласиме, нема да има крај на оваа приказна и ние не можеме и покрај кластерите да речеме дека сè поминавме од Копенхагенските критериуми бидејќи ова е извор на можни блокади. Или ќе постигнеме и ќе се договориме дека се заеднички, не знам Гоце Делчев, не знам кој, дека немало фашизам или нема крај на таа приказна. Значи, тоа е атипично, сите го гледаат. Сите се прашуваат како може протокол да биде дел од една рамка. Не може, ама никој не кажал дека не може да биде дел од рамка“, рече претседателката на државата во вечерашното интервју за емисијата „Вин-вин“ на ТВ Телма
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова вели дека доколку Заедничката мултидисцилинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија не ја заврши работата и не постигне консензус за отворените прашања меѓу Скопје и Софија за историјата, тогаш приказната со евроинтеграции на земјава нема да заврши, односно тоа ќе биде причина за ново вето од Бугарија.

Одговарајќи на прашање во вечерашното гостување во емисијата „Вин-вин“ на ТВ Телма, таа рече дека не се согласува со тезата дека нема опасност за вето од Бугарија кое би произлегло од работата на историската комисија.
„Не се осгласувам со таа теза. Значи, прво не знаеме колку долго ќе се преговара затоа што јасно стои дека сè додека не се постигне согласност за некои прашања (во историската комисија, н.з.) не можеме ние да посегнеме по, што, не можеме ние да ги завршиме преговорите и да дојдеме до ратификација. Ако не се усогласиме околу прашања, тогаш нема решение, ниту пак може да се затвори приказната“,
рече претседателката на државата.
На забелешка дека формулацијата во Протоколот 2 дека двете држави ја охрабрувааат комисијата на поинтензивна динамика, Сиљановска-Давкова кажа дека таа динамика не е француско-германска или полско-германска за ние да разговараме.
Според неа, ние мораме да се усогласиме.
„Ако не се усогласиме, нема да има крај на оваа приказна и ние не можеме и покрај кластерите да речеме дека сè поминавме од Копенхагенските критериуми бидејќи ова е извор на можни блокади. Или ќе постигнеме и ќе се договориме дека се заеднички, не знам Гоце Делчев, не знам кој, дека немало фашизам или… нема крај на таа приказна. Значи, тоа е атипично, сите го гледаат. Сите се прашуваат како може протокол да биде дел од една рамка. Не може, ама никој не кажал дека не може да биде дел од рамка. Инаку, јас веднаш да кажам, мислам дека министерот за надворешни работи си ги пречекорил овластувањата. Ако тој потпишал дека нешто ќе влезе во рамка, а рамката ќе биде услов којшто треба да се исполни за да можеме ние да завршиме со кластерите и за да може да дојде до ратификација. Не се тоа разговори како оние другите, туку тоа се разговори за кои мора да се постигне согласност“,
рече Сиљановска-Давкова.
Според неа, она што бугарската страна си зема за право да го проблематиизра во историската комисија е веќе затворено со Преспанскиот договор и, како што вели, тука е нејзиниот приговор.
„Преспанскиот договор во членот 7 напишал дека името Македонија за втората страна (македонската), таа безимената, значи територија, второ народ со сопствена историја, култура и јазик. За што преговараме ние со Бугарија во комисиите? За историја, за култура и за јазик. Па нели pacta sunt servanda (договорите мора да се почитуваат). Значи, Преспанскиот договор, идентитеските прашања за историја, култура, јазик и народ ги ставил ад акта, решени се, и не може повеќе да разговараме оти таму не пишува грчко-македонска, таму не пишува бугарско-македонска историја, туку вели народ со сопствена историја, култура и јазик“,
кажа Сиљановска-Давкова во интервјуто.
Во таа насока таа наведе дека во Договор за пријателство и добрососедство со Бугарија нема ниту еден збор за уставни измени, прашувајќи како може од протокол да излезе обврска за уставна измена.
„Историјата венее ако е под чадорот на политиката. Не седат историчари и не дискутираат со историски аргументи во политички цели. Ќе седат во академија, на конгреси, ќе пишуваат трудови. Ова е крајно невообичаен формат. Ова се политички историчари или политизирани историчари и секоја нација има право на историја по свое, тоа е прецепција, и митови да има внатре, не можете вие да усогласувате, но може да се разговара, воопшто не е проблем. Така прават Германците, така прават Французите. Зошто така прават? Затоа што се додека има таков дијалог, тие знаат дека оневозможуваат да се случи нешто што постоело пред да биде склучен првиот договор за јаглен и челик или се додека се разговара со аргументи нема опасност од конфликт“,
рече претседателката.
Тука, како што посочи, смета дека е можна добронамерна интервенција на Советот на Европската Унија, на Европскиот парламент и на Европската комисија и дека затоа бил предлогот на актуелната Влада за уставни измени со одложено дејство.
„Ако се објасни дека овие разговори не се за да може да се закочи одењето наше кон ЕУ, бидејќи друго пишува во Преамбулата на договорот, дека ќе ни помога соседот, дека ќе биде скандинавски ориентиран, дека искуството ќе го пренесе на нас. Затоа беше оној наш предлог за одложено дејство, за да не натера нас брзо да ги исполнуваме Копенхашките критериуми, а Бугарија да биде кооперативна и да се однесува кон нас како добар сосед. Ама ако слушате изјави како што слушаме, тогаш велите бунар да не е ова“,
рече Сиљановска-Давкова.

За потсетување, прашањето за уставните измени и нивното стапување на сила е опфатено во пакетот документот усвоени при почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија во јули 2022 – заклучоците на Советот на ЕУ, Општата позиција, Преговарачката рамка, како и во Протоколот од меѓувладината конференција меѓу Северна Македонија и Бугарија, каде е опфатена и работата на историската комисија.
Протоколот беше потпишан на 17 јули 2022 година во Софија (два дена пред првата меѓувладина конференција) во рамките на вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, согласно членот 12 од Договорот за добрососедство. Потписите во името на двете земји ги ставија тогашниот министер за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, и тогашната шефица на бугарската дипломатија Теодора Генчовска.