Од произведената електрична енергија во земјава во 2024 година, околу 41% отпаѓа на обвновливите извори, со што го надминаа јагленот како доминантен енергент за производство на електрична енергија. Тоа секако е добро во многу аспекти, но носи и предизвици
Во моментов, во употреба се фотоволтаични централи со инсталирана моќност од околу 850 мегавати. Потенцијалот на македонската електропреносна мрежа е околу 1 500 мегавати, тврди претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски. Тоа значи дека се пополнети над 55% од капацитетот, доколку не се изградат батериски системи кои би ја складирале енергијата од фотоволтаиците
Без складирање, фотоволтаиците ја предаваат целата произведена енергија директно во системот. Тоа е проблем бидејќи мала промена од сончево во облачно и обратно прави големи разлики во производството, а со тоа и дисбаланс на целата мрежа. За велигденските празници во земјава по првпат беа исклучени неколку фотоволтаични централи, поради обасноста да го дестабилизираат електропреносниот систем
Колапсот на електроенергетскиот систем што се случи во Шпанија и Португалија на 28 април, го вклучи алармот и во земјава. Причина се сомневањата дека испадот е поради наплив на неискористена енергија од фотоволтаични централи , што го исфрлило системот од баланс.
А што значи баланс на електроенергетски систем? Тоа е состојба во која се изедначени моменталното производство на електрична енергија и моменталната потрошувачка во еден систем. Ако нагло се зголеми или намали производството, или ако нагло се зголеми или намали потрошувачката, се случува испад.
Балансирањето е полесно ако струјата доаѓа пред сè од електроцентралите на нуклеарно гориво или јаглен, бидејќи тоа производство лесно се планира. Но, предизвик се фотоволтаичните централи, каде еден облак прави огромна разлика – колку струја влегува во системот.

Првпат во својата историја, и тоа десетина дена пред колапсот на Иберискиот Полуостров, Македонија исклучи неколку фотонапонски централи.
„Правиме максимални напори да го стабилизираме системот и да немаме никакви проблеми во целата мрежа“,
рече Бурим Љатифи, генерален директор на АД МЕПСО. (28.04.2025г.)
Одлуката за превентивни мерки, односно МЕПСО да може да исклучува централи, важи до октомври. Но, од власта се децидни – кај нас речиси и да нема шанси за пад на системот.
„Не можеме 100%, меѓутоа над 90% може да ви кажам дека со сигурност нема да има ‘блек аут’ како во Шпанија и Португалија“,
кажа Сања Божиновска, министерка за енергетика. (07.05.2025г.)
Фактот што земјава веќе почна со исклучување централи, сепак, го отвора прашањето – уште колкав простор за обновливи извори на енергија има во земјава? Дали е веќе предизвик да се балансираат?

Првите објаснувања ги добивме во операторот МЕПСО, кој е задолжен за пренос на електричната енергија и контрола на електроенергетскиот систем во земјава. Таму во посебна просторија е сместен т.н. Национален диспечерски центар, од каде се следи и управува со преносот на струја. Под постојан надзор се сите далноводи, трафостаници, хидроцентрали, термоцентрали.
„Ова е стратешко место, оперативни водители на мрежа си има постојано, се работи во реално време и сите случувања, сите ситуации, сите исклучувања, манипулации и сите настани што се случуваат во електропреносната мрежа се координирани од оваа сала“,
вели Ванчо Шахпаски, главен диспечер во ОЕПС, АД МЕПСО.

Една од главните задачи на МЕПСО е да прави баланс во системот на произведената и потрошената електрична енергија. За Велигден, вели Шахпаски, дошло до нарушување на балансот, поради што неопходно било активирање на превентивните мерки.
„Мерката се применуваше три дена – 18, 20 и 21 април 2025 г. Максималното саатно исклучување е 15 мегавати, тоа се случи на 21 април кога покрај производителите на електрична енергија од обновливи извори на преносна мрежа, беше побарано и од операторот на дистрибутивна мрежа да исклучи. Вкупното намалено производство за трите дена изнесува 1 520 мегават-часови. Тоа беше нешто неминовно кое мораше да го направиме и побараме, со цел да се зачува стабилноста на системот. Оваа мерка не е ништо ново, се применува во доста соседни европски систем-оператори“,
објаснува Шахпаски.

Мерката се применува поради сè поголемиот број извори на т.н. „зелена“ електрична енергија. Според годишниот извештај за работа на Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси, минатата година биле изградени и пуштени во употреба 349 нови електроцентрали кои работат со обновливи извори на енергија.
Ако се земе предвид инсталираната моќност на сите електрани во земјава, на обновливите извори на енергија отпаѓаат 55,72 отсто, по што следат термоелектраните со 34,65% и остатокот од 9,63% е на ТЕ-ТО. Сами, фотоволтаичните централи учествуваат со 28,4% во вкупната инсталирана моќност, што е повеќе од инсталираната моќност на хидроелектраните од 19,67% и помалку само од инсталираната моќност на термоелектраните која сочинува 34,65%. Кога е во прашање производството, 41,03% отпаѓа на обновливите извори, 38,43% на термоелектраните, а останатите 20,54% се на гасната централа ТЕ-ТО.

Па, во Регулаторна прашавме – дали инвестицискиот бум во обвновливи извори на енергија полека ја достигнува границата на издржливост на електроенергетскиот систем? Според претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимоски, одговорот е – не, имајќи ја предвид инсталираната моќност на досега изградените фотоволтаици од околу 850 мегавати.
„Во Македонија може во делот на фотоволтаици да бидат околу 1 500 мегавати со оваа состојба на мрежата што е денес. Значи без батерии, без изградени нови гасни електрани, без Чебрен. Значи толку може да издржи македонскиот електропреносен систем во однос пред се на балансирањето. Од тие причини за време на велигденските празници, не само ние, туку и другите преносни систем оператори, во Грција конкретно, им беше наложено во одредени делови од денот, фотоволтаиците да не произведуваат електрична енергија поради тоа што ќе бидат казнети“,
посочува Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.
Сепак, вели Бислимоски, фотоволтаиците носат и сериозен предизвик за секој преносен систем-оператор.
„Од тие причини ни требаат инвестиции. Пред се, во најкраток рок може да се изградат батерии кои ќе ја релаксираат таа ситуација. Бидејќи ќе ги натераат фотоволтаиците во периодот кога е најкритично, од 10-11 до кај 14, 15, 16 часот, таа енергија да не ја даваат на мрежа туку да ја складираат во своите батерии“,
додава Бислимоски.

Проценките дека македонскиот преносен систем може да поднесе уште толку енергија од фотоволтаици колку што има инсталирано досега, не е единствената причина поради која нашите соговорници тврдат дека е малку возможно да ни се случи тоа што им се случи на Шпанија и Португалија. Фактор е, велат, географската поставеност на земјава.
„Шпанија и Португалија се специфичен случај поради тоа што се дел од Иберискиот Полуостров и имаат лоши интерконекции, особено Шпанија, имаат интерконекции со францускиот систем, но тие конекции се со мал капацитет. И имајќи го предвид големиот број фотоволтаици што се направија, исто така беа исклучени нуклеарни електрани очигледно резервата која најбрзо ја обезбедуваат хидроелектраните и гасните електрани, не го дала соодветниот резултат и поради тоа имаше испад“,
објаснува Бислимоски.

И од Министерството за енергетика велат дека системот е добро вмрежен со регионот со кој се дискутираат мерките што се препорачуваат на меѓународно ниво.
„Минатата година на пример се случи и тоа во месецот јуни, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора останаа неколку саати без електрична енергија. Сето тоа се дискутира на ниво на диспечинг центрите локално, регионално и потоа на ниво на Европа. Како што кажав со ЕНЦО имаме сериозна соработка, ќе дојдат и кај нас, и технички параметри се имплементираат за да нема никакава опасност ова да се случи. И кај нас немаме ние толку многу нови обновливи како во Шпанија и Португалија за да имаме целосен колапс или ‘блек аут‘“,
вели министерката Божиновска.

Сепак, додава Божиновска, веќе се размислува каде да се постави границата кога се во прашање обновливите извори.
„Во последните три години многу е зголемен бројот на фотоволтаични централи. Затоа со новиот закон ние тоа ќе го доуредиме, односно ќе имаме план колку и што ќе се гради. Исто така правиме проекција за десет години во МЕПСО во мрежата, бидејќи за сите тие обновливи извори на енергија потребно е да има каде да се приклучат. Ние веќе започнавме со еден грант во Милетково, значи ја зајакнуваме мрежата на МЕПСО и сега ќе направиме план да видиме каде ни се потребни додатни инвестиции во инфаструктурата и мрежата. Исто така ќе имаме нов далековод со Албанија ќе се започне, што значи интензивно работиме на подобрување на нашата мрежа“,
додава Божиновска.
Електропреносните системи меѓу сите земји во Европа се поврзаникако крвоток. Ако има испад на едно место, голема е веројатноста тоа да се пренесе и во соседството. Опасноста од „блек аут“ како во Шпанија и Португалија, несомнено постои како ризик да се случи и кај нас. Сепак, мерките и инвестициите во инфрастурктурата би требало да значат поголема стабилност и одржлив баланс меѓу еколошките цели и сигурното снабдување со енергија.