„Следниве шест месеци граѓаните не смеат да ги заборават изјавите, изливите и испадите на национализам на Биљал Касами“, велат од Сојузот

Од Сојузот на борци од Народно-ослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи од Тетово ја оценуваат како чиста манипулација и навреда на здравиот разум на граѓаните синоќешната изјава на градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, дека до локалните избори во октомври го запира процесот на преименување на имињата на улиците во градот.
Касами синоќа во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 рече дека Законот за локална самоуправа за именувањето на улиците бара шест месеци пред одржување на редовните локални избори да престане процесот и да продолжи потоа.
Во реакцијата од Сојузот за изјавите на Касами се вели дека процесот на преименување на улиците бил целосно бојкотиран од граѓаните, а не како што вели градоначалникот дека тој поминувал одлично.
„Процесот беше целосно бојкотиран од граѓаните и делегитимиран“,
се вели во реакцијата од Сојузот.
Оттаму потсетуваат на изјавите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека нема да поддржат промена на име на улица именувана по антифашистички херој, празник или настан, но и на тоа дека опозициската СДСМ ја напушти комисијата која го води процесот, согласно што нема квалификувано мнозинство во Советот.
„Следниве шест месеци граѓаните не смеат да ги заборават изјавите, изливите и испадите на национализам на Биљал Касами. Дополнително ги повикуваме граѓаните и новинарите да го проследат посоченото интервју на Биљал Касами, бидејќи таму има многу работи кои исто така следниве шест месеци добро е да ги паметиме, особено за тоа како актуелниот градоначалник желен за втор мандат ја разбира законитоста, дивоградбите, јавниот интерес и слично“,
се додава во реакцијата.
Во однос на разликите со ВМРО-ДПМНЕ кои зборуваа само за именување на улиците кои или немаат имиња или се означени со број, а за намерата на општината да се преименуваат улици што веќе имаат имиња, Касами рече дека тоа сега е во дефиниција.
„Иницијативата е за именување на улиците, но тоа не значи дека ако граѓаните бараат некои од имињата да останат, дека нема да останат. И тоа не само за имињата кои имаат, нели, како да кажам, македонски предзнак. Значи, има и неколку улици кои имаат имиња со албански дејци кои можат, ако бараат да останат, ќе останат. Значи, формално-правно оди како процес на именување на улици, но реално тоа не значи дека сите улици кои имаат име, ќе им се промени името“,
рече Касами.
Сојуз на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово во април ги повикаа граѓаните да го бојкотираат процесот на менување имиња на улици предложен од општината.
Од Сојузот, освен до граѓаните, апелот за бојкот на јавната дебата го упатија и до политичките партии, граѓанските здруженија, клубови и сите други облици на општествено здружување.
Претходно тетовскиот сојуз на борците од НОБ на 11 февруари до Уставниот суд во Скопје поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одлука на Советот на Општина Тетово од 24 април 2007 година, која се однесува на промена на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти во градот.
Спорноста на одлуката, како што наведоа од Сојузот, лежи во нејзината едностраност, односно нејзино носење без исполнување на законскиот услов кој предвидува претходна согласност од Владата. Дополнително, одлуката е незаконска бидејќи, како што се додава, Општина Тетово за одредени улици утврдила име користејќи странски јазик, а е испишано на кирилско писмо, иако и Уставот и Законот за употреба на македонски јазик налагаат имињата на улиците да бидат напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо.
Општина Тетово уште од август 2024 година го почна процесот за преименување улици кои веќе имаат определено име и именување на улици на кои името им е определено со бројка.