Изјавата на Зеленски дојде по притисокот од американскиот претседател Доналд Трамп да ја прифати понудата на Путин за директни преговори меѓу Русија и Украина претстојната недела, но, притоа зголемувајќи ги влоговите со предлог двајцата (тој и Путин) да се сретнат лично
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен лично да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин в четврток во Истанбул за да разговараат за завршување на војната, пренесоа светските медиуми.

Изјавата на Зеленски дојде по притисокот од американскиот претседател Доналд Трамп да ја прифати понудата на Путин за директни преговори меѓу Русија и Украина претстојната недела, но, притоа зголемувајќи ги влоговите со предлог двајцата (тој и Путин) да се сретнат лично.
Претходно, Зеленски порача дека Украна е отворена за преговори со Русија, но откако Москва ќе прифати 30-дневно примирје.
„Чекаме целосен и траен прекин на огнот, почнувајќи од утре, за да се обезбеди потребната основа за дипломатија. Нема смисла да се продолжува со убивањето. И ќе го чекам Путин во Турција в четврток. Лично. Се надевам дека овој пат Русите нема да бараат изговори“,
изјави Зеленски.
Двајцата лидери не комуницирале директно откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Трамп на неговата платформа Трут соушл (Truth Social) напиша дека Украина треба да ја одржи средбата, сега.
„Претседателот на Русија, Путин не сака да има договор за прекин на огнот со Украина, туку сака средба в четврток, во Турција, за да преговара за можен крај на крвопролевањето. Украина треба да се согласи на ова, веднаш!!!. Барем ќе можат да утврдат дали е можен договор или не, а ако не е, европските лидери и САД ќе знаат каде стои сè и ќе можат да продолжат соодветно!“,
напиша Трамп.

Инаку, барањето за 30-дневен прекин на огнот беше изнесено вчера за време на посетата на Киев од страна на лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Полска, кои заедно со Зеленски му се јавија телефонски на Трамп, пред да одржат заедничка прес-конференција.
Британскиот премиер, Кир Стармер изјави дека доколку Путин ја отфрли понудата тие ќе воведат нови санкции кон Москва и ќе ја зголемат воената помош за Украина со цел да ја принудат Русија да седне на преговарачка маса.
Одговорот на рускиот претседател на ултиматумот дојде во необична форма, односно преку изјава прочитана пред новинарите во церемонијалната сала во Кремљ рано наутро по локално време. Тој ја обвини Украина за кршење на претходните примирја, но рече дека и покрај ова предлага двете страни да се сретнат на разговори, за кои рече дека би можеле да се одржат во Истанбул овој четврток.
„Подготвени сме за сериозни разговори со Украина и сакаме да ги решиме основните причини за конфликтот“,
рече Путин.

Претходно денеска во објава на платформата Икс украинскиот претседател напиша дека очекува Русија да се согласи на прекин на огнот, кој би бил целосен, траен и сигурен и би почнал утре (12 мај), по што би биле можни преговори.
Неговиот шеф на кабинетот, Андриј Јермак, излезе со поконцизна верзија на изјавата на Зеленски.
„Прво 30-дневен прекин на огнот, потоа сè друго“,
рече Јермак.
Францускиот претседател, Емануел Макрон, денеска претпладне на Икс дека нема да бидат можни разговори сè додека Путин не се согласи на прекин на огнот.
„Не може да има преговори додека оружјето зборува. Не може да има дијалог ако, во исто време, се бомбардираат цивили“,
наведе тој.
Серијата понуди и ултиматуми меѓусебно укажува на брза дипломатија околу конфликтот, но зад реториката не е јасно колку од фундаменталните позиции на двете страни се промениле, пишува „Гардијан“
Украина и нејзините европски сојузници сакаат целосен прекин на огнот, по што би започнале преговори за сеопфатно решение, вклучувајќи европски сили во Украина, чиј состав и мисија сè уште се предмет на дискусија меѓу сојузниците.
Од друга страна, Путин сака да продолжи да се бори за да го зголеми притисокот врз Украина да се согласи на голем број основни барања на Москва, кои малку се променија од почетокот на војната.
Освен територијалните претензии кон регионите што ги окупира, се очекува Москва да побара гаранции за идните политички и воени одлуки на Украина. Кремљ веќе јасно стави до знаење дека нема да прифати западни трупи стационирани во Украина.