„Договор има дека кој било што соработува со Али Ахмети, во ваква ситуација не може да биде дел од Владата“, изјави лидерот на Движењето Беса, дел од коалицијата ВЛЕН
Арбен Таравари, лидерот на Алијанса за Албанците (АА) и министер за здравство, нема да биде дел од Владата, но во извршната власт ќе може да останат оние членови на АА што не се согласуваат со нивниот претседател. Ова денеска во Тетово го изјави лидерот на Движењето Беса, кое е дел од ВЛЕН, Билал Касами, одговарајќи на новинарско прашање што се договориле како коалиција со премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека за да се направат промени во Владата ќе треба повеќе време.

„Одлучивме дека во следниот период ќе работиме заедно во правец на тоа Арбен Таравари како главен носител на идејата за соработка со Демократската унија за интеграција (ДУИ) да не биде дел од Владата. Договор има дека кој било што соработува со Али Ахмети, во ваква ситуација не може да биде дел од Владата“,
рече тој.
Посочи дека за динамиката и модалитетите како тоа ќе се спроведе кога ќе имаат конкретно решение, ќе ја запознаат јавноста.
„Сепак, тоа не е едноставна работа. Ако се договориме дека ќе има реформирање на Владата, треба да се види кој ќе излезе и кој ќе влезе во неа, оти гледаме дека и во ваква ситуација има некои чинители кои се дел од партијата на Таравари, а не се согласуваат со него“,
додава Касами.
Смета дека во оваа ситуација треба да се прави јасна разлика меѓу Таравари, кој е носител на комуникацијата со Али Ахмети, и партијата Алијанса за Албанците. Според него, таа партија е важен фактор на коалицијата ВЛЕН и нивна желба е таа повторно да биде дел од коалицијата.
„Ние сме отворени да продолжиме да соработуваме со секој што е дел од Алијанса за Албанците и сака да продолжи да биде дел од Владата. Во моментот цениме дека главен проблем е директната соработка на Таравари со Ахмети. И тоа е веќе решено, тој не може да биде дел од Владата. Но, секој член на АА што не се согласува со оваа соработка на Таравари со Ахмети е добредојден да продолжи да биде дел од Владата“,
додава Касами.
Според него, треба да се расчистат овие ситуации, кој е за, а кој е против соработката со ДУИ.
Кога ќе се расчистат дилемите со АА, тогаш најави дека ќе има и промени во нивните досегашни функционерски позиции во Владата и во другите тела на извршната власт.
И вчера Касами порача дека нема да има место во Владата за политички партии кои досега биле со нив, но се обидуваат да соработуваат со ДУИ.
Изминатите денови, премиерот Христијан Мицкоски имаше одвоени средби со лидерот на дел од Алијанса за Албанците и актуелен министер за здравство Арбен Тараври и со раководството на ВЛЕН, кое е дел од Владата, а од кое до неодамна беше дел и Алијанса.
Средбите, како што брифираа владини извори, поминале конструктивно, во пријателски и партнерски дух.
Турбуленциите ги предизвика крилото на Алијанса за Албанците во владиниот партнер ВЛЕН кога донесе одлука на локалните избори во октомври да излезе со сопствени советнички листи.
Тоа не беше прифатено од неговите коалициски партнери во ВЛЕН. По ова следуваше напуштање на Таравари на коалицијата ВЛЕН, а во јавноста се појавија шпекулации дека тој преговара со лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети.