Според Касами, постојат членови на крилото на Алијанса за Албанците (АА) кои не се согласуваат со ставовите на нивниот претседател Арбен Таравари

Лидерот на движењето Беса, кое е дел од коалицијата ВЛЕН, Билал Касами, денеска од Тетово порача дека нема да има место во Владата за политички партии кои досега биле со нив, но се обидуваат да соработуваат со ДУИ.
Касами нагласи дека овој став е ист од почетокот на функционирањето на Владата и е насочен кон справување со корупцијата на претходната извршна власт.
„Соработка со ДУИ и Али Ахмети и останување во Влада и во ВЛЕН не може, а тоа го дадовме јасно како порака и до премиерот и се договоривме, се согласивме дека во оваа фаза кога оваа влада работи во делот на справување со корупцијата на претходните влади и на елементи од оваа влада не можеме да прифатиме да има членови во владата кои соработуваат со вакви елементи. Сигурно дека во следните денови ќе има и конкретни чекори во овој правец“,
изјави Касами.
Според Касами, постојат членови на крилото на Алијанса за Албанците (АА) кои не се согласуваат со ставовите на нивниот претседател Арбен Таравари.
„За нас Алијансата на Албанците (АА) е важен фактор на партијата ВЛЕН и затоа работиме и се молиме Алијанса да остане, но сигурно без елементи, чинители за кои имаат докази и веќе јавно, нели, прифаќаат дека соработувале со ДУИ и со Али Ахмети. Веќе има многу гласови во рамките на Алијанса кои не се согласуваат со нивниот претседател, кој јавно кажува дека во одредени општини се подготвени да соработуваат и со ДУИ“,
рече Касами.
Тој додаде дека многу луѓе од АА се изјасниле оти ќе работат во насока на борбата против корупција и изрази надеж дека тие ќе останат дел од ВЛЕН и од Владата.
Изминатите денови, премиерот Христијан Мицкоски имаше одвоени средби со лидерот на дел од Алијанса за Албанците и актуелен министер за здравство Арбен Тараври и со раководството на ВЛЕН, кое е дел од Владата, а од кое до неодамна беше дел и Алијанса.
Средбите, како што брифираа владини извори, поминале конструктивно, во пријателски и партнерски дух.
Средбата на Мицкоски со Таравари, која се најавуваше подолг период, заврши без епилог. Тоа го остави отворено прашањето за натамошното дејствување на Алијанса на Таравари, односно дали партијата ќе остане дел од власта или ќе излезе од неа.
Ова прашање се отвори откако ова крило на Алијанса за Албанците донесе одлука на локалните избори во октомври да излезе со сопствени советнички листи. Тоа не беше прифатено од неговите коалициски партнери во ВЛЕН. По ова следуваше напуштање на Таравари на коалицијата ВЛЕН, а во јавноста се појавија шпекулации дека тој преговара со лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети.
Во однос на напуштањето на владината коалиција, Таравари изминатиот период рече дека тие ќе излезат од Владата само доколку премиерот смета дека не се потребни.
Премиерот, пак, вели дека со или без Таравари во Владата, таа е стабилна, цврста и со големо мнозинство, како и дека во животот никого не молел, ниту, пак, имал намера некого да моли.
Турбуленциите што ги предизвика крилото на Алијанса за Албанците во владиниот партнер ВЛЕН, по што претседателот на Беса, Билал Касами, рече дека додека едни заминуваат, други може да им се приклучат, ги подгреа шпекулациите за тоа кој би можел да ја смени страната и да премине од опозиција во власта.
Според Касами, веќе има понуди, барања и разговори со други политички фактори од опозицијата, кои биле подготвени да бидат дел од владиното мнозинство.
Партиите на турската етничка заедница во Македонија, од кои две се членки на опозицискиот „Европски фронт“ предводен од ДУИ и имаат пратеници во Собранието, се дел од од шпекулациите за можните трансфери. За ова во парламентот говореше пратеникот Сали Мурати од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, кој отфрли таква можност, додека во изјава за „360 степени“ пратеникот и лидер на Демократската партија на Турците, Бејџан Иљас, не беше толку категоричен.