Главна причина зошто дел од набавената опрема никогаш не е ставена во употреба и стои неискористена во болниците е немањето стручен и обучен медицински кадар за да може да ја ракува, како и немањето доволно простор во објектите на здравствените установи каде може да биде сместена
Според ревизорскиот извештај, вкупно 37 апарати од набавената опрема се користат, девет не се употребуваат во полн капацитет, а седум апарати воопшто не се ставени во употреба
Иако е набавена, современа медицинска опрема вредна 13 милиони евра не се користи во јавните здравствени установи. Главна причина за ваквата состојба, според извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР), е тоа што во некои од установите нема доволно соодветен простор таа да биде сместена, како и кадар што ќе управува со апаратурата.

„Иако во изминатите три години е постигнат напредок во регионалната распределба на современата медицинска опрема и зголемување на бројот на здравствени услуги, сепак дел од опремата сè уште не е ставена во употреба или не се користи доволно. Главно, поради недостиг на стручен кадар и соодветни просторни услови, што влијае на достапноста и квалитетот на здравствената заштита на граѓаните на цела држава“,
се вели во ревизорскиот извештај.
Ова се резултатите од спроведената ревизија на ДЗР на тема „Искористеност на современата медицинска опрема“, направена со цел да се утврди степенот на искористеност и регионална достапност на услугите што ги обезбедува.
Во ревизијата се анализирани активностите за набавка, ставање во употреба и користење на медицинската опрема во периодот од 2021 до 2023 година, но одредени настани и прашања се опфатени и пред и по овој период.
Како што се потенцира во извештајот, со ревизијата е опфатена медицинската опрема со најголема набавна вредност и со најизразена потреба кај пациентите, како компјутерска томографија (КТ), ангиографи, акцелератори, мамографија со томосинтеза и стереотакса, позитронско-емисиона томографија во комбинација со компјутерска томографија (ПЕТ/КТ) и апарат за роботска рехабилитација.

Според извештајот, во анализираниот период од 2021 до 2023 година за потребите на јавните здравствени установи е набавена медицинска опрема во вкупна вредност од 16,2 милиони евра финансирана со буџетски средства, средства од заем од Светската банка, како и со донација од Европската Унија.

Но, во извештајот се потенцира и дека поради ограничени буџетски средства не е набавена дополнителна опрема потребна за користење на сите нејзини функционалности.
За дел од набавените апарати е обезбедена основна обука од производителот, но се нагласува дека е потребна и дополнителна специјализирана обука со цел одредени здравствени работници да можат целосно да ја користат опремата.
Што од опремата се користи, а што никогаш не е ставено во употреба
Вкупна вредност на медицинската опрема што била предмет на ревизија во јавните здравствени установи изнесува 57,7 милиони евра, од кои поголемиот дел или 68 отсто се однесуваат на опрема што е ставена во употреба и често се користи над предвидените капацитети.
Опрема во вредност од 13 милиони евра или 23 отсто и понатаму не е ставена во употреба. А, опрема со вредност од 5,5 милиони евра или 9 отсто не се користи во полн капацитет, ниту се искористуваат дополнителните функционалности.
Така, ревизијата заклучила дека вкупно 37 апарати од набавената опрема се користат, девет не се употребуваат во полн капацитет, а седум апарати воопшто не се ставени во употреба.

Ревизијата утврдила дека за потребите на јавното здравство на ниво на државата се обезбедени вкупно девет линеарни акцелератори за четири јавни здравствени установи со вкупна набавна вредност од 21,8 милиони евра.
Ова медицинска опрема се користи за вршење на радиотераписки услуги за пациенти со малигни заболувања.
„До денот на ревизијата, пет акцелератори не се ставени во употреба. Два на Клиниката за радиотерапија и онкологија, два во Клиничките болници во Штип и Битола и еден во Градската општа болница ‘8 Септември‘ во Скопје, иако три од нив се инсталирани пред повеќе години“,
пишува во ревизорскиот извештај.
Во извештајот е посочено дека на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија има вкупно шест акцелератори, од кои во периодот на ревизијата во употреба се само три акцелератори (набавени во 2003 година, 2015 година и 2021 година), еден е ставен надвор од употреба, еден е во тест-фаза и еден никогаш не е инсталиран.
Девет здравствени установи располагаат со 19 ангиографи со вкупна набавна вредност од 12,9 милиони евра. Десет од нив се набавени во периодот од 2021 до 2023 година.
Ревизијата утврдила дека бројот на здравствени услуги што ги нуди овој апарат се зголемил за 68 отсто во 2023 година во споредба со 2021 година. Сепак, утврден е незадоволителен степен на искористеност на овие уреди, поради недостаток на стручен кадар и необезбедени просторни услови, но и поради отсуство на клинички патеки потребни за вршење на овој вид на услуги.
„Во периодот опфатен со ревизијата се извршени 32 238 услуги со ангиограф, од кои половината се изведуваат на терциерно ниво, што создава висока оптовареност на кадарот и апаратите, особено во Клиниката за кардиологија, која располага со 4 ангиографи“,
се вели во ревизорскиот извештај.
Во јавното здравство во моментот има 30 уреди за компјутерски томографи (КТ) во 22 ЈЗУ, а за потребите на ревизијата се опфатени 11 ЈЗУ кои располагаат со 19 КТ-уреди со вкупна набавна вредност од 14,5 милиони евра.
Два КТ-уреди во болниците во Тетово и Кочани никогаш не се ставени во употреба.
„Евидентно е дека некои ЈЗУ ги користат своите КТ-уреди со полн или над капацитетот, заради задоволување на високата побарувачка за овој вид услуги, особено во Скопје и регионалните центри. Половина од КТ-уредите во државата се целосно амортизирани, особено оние во клиничките и општите болници кои располагаат со потребниот кадар и извршуваат најголем број КТ-услуги. Така, сервисирањето и враќањето во функција на
велат од Ревизија.
уредите неретко трае повеќе месеци, како што е случајот со КТ-уредот во ОБ Струмица кој поради дефект не се користи речиси цела 2024 година“,
Институтот за позитронско-емисиона томографија (ПЕТ) е единствен во државата каде се вршат современи дијагностички услуги за рано откривање малигни заболувања, за што располага со Циклотрон за производство на радиоизотопи и позитронско-емисиона томографија во комбинација со компјутерска томографија (ПЕТ/КТ) со вкупна вредност од 5,8 милиони евра.
За периодот од 2021 до 2023 година, таму се реализирани 6 457 снимања со просек од околу 180 пациенти месечно.
Снимањата се вршат со само еден ПЕТ/КТ-скенер, со што е утврдено дека не се користат целосно капацитетите на Циклотронот, кој може да произведе изотопи за поголем број снимања.
„Со набавка на уште еден ПЕТ/КТ-скенер, би се обезбедила поголема достапност и искористеност на опремата и зголемување на бројот на здравствени услуги, особено што во Институтот веќе има обезбедено соодветен простор“,
утврдила ревизијата.
Во 2023 година по првпат се набавени четири мамографи со томосинтеза и стереотакса во вредност од 1,5 милиони евра. Инсталирани се во четири здравствени установи. Овие апарати се употребуваат само за примарната намена, како дигитална мамографија, а не и за томосинтеза и стереотакса.
„Причина за тоа е што е потребна дополнителна опрема за искористување на дополнителните функционалности кои можат да ги нудат овие уреди, сѐ уште нема утврдени референтни цени од Фондот за услуги со мамограф за томосинтеза и стереотактична биопсија и дел од персоналот кој треба да дава услуги со овие уреди не е соодветно обучен“,
пишува во извештајот.
Министерството за здравство во 2023 година има набавено апарат за роботска рехабилитација – локомат за помалку од милион евра, наменет за рехабилитација на долните екстремитети. Апаратот е инсталиран во УК за физикална медицина и рехабилитација и од март 2024 година се користи само за хоспитализирани пациенти, а од јули 2024 година и за амбулантски пациенти со термини, по добивањето референтни цени од Фондот.