„Силно се уважува волјата на граѓаните за реформи, борба против криминалот и промени на системот кој го оставија ДУИ и СДСМ“, вели владин извор за „360 степени“, за вечерашната средба, додавајќи дека разговорите ќе продолжат
По вчерашната средба со лидерот на крилото на Алијанса за Албанците кое е дел од власта, Арбен Таравари, премиерот Христијан Мицкоски вечерва во Владата се состана и со претседателите на партиите од коалицијата ВЛЕН, од која до неодамна беше дел и Алијанса.

За разлика од онаа со Таравари, вечерашната средба не беше формално најавена.
Средбата на Мицкоски со Изет Меџити (Демократски сојуз), Билал Касами (Движење Беса) и Зеќирија Ибраими (Алтернатива), како што брифира владин извор, поминала конструктивно, во пријателски и партнерски дух.
Тема на разговор, според информациите, биле сите реформски прашања.
„Силно се уважува волјата на граѓаните за реформи, борба против криминалот и промени на системот кој го оставија ДУИ и СДСМ. Граѓаните нема да бидат разочарани“,
вели владин извор за „360 степени“, додавајќи дека разговорите ќе продолжат.
Вчерашната средба на Мицкоски со Таравари, која се најавуваше подолг период, заврши без епилог. Тоа го остави отворено прашањето за натамошното дејствување на Алијанса на Таравари, односно дали партијата ќе остане дел од власта или ќе излезе од неа.
Ова прашање се отвори откако ова крило на Алијанса за Албанците донесе одлука на локалните избори во октомври да излезе со сопствени советнички листи. Тоа не беше прифатено од неговите коалициски партнери во ВЛЕН. По ова следуваше напуштање на Таравари на коалицијата ВЛЕН, а во јавноста се појавија шпекулации дека тој преговара со лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети.
По средбата со Таравари, извори од Владата информираа дека таа поминала во конструктивен дух и дека разговорите ќе продолжат и во текот на овој месец ќе биде познато идното функционирање на Алијанса за Албанците.
Мицкоски пред средбата рече дека Таравари има две опции пред себе и оти трета не гледа, а овие позиции, според информациите, ги повторил и на состанокот.
„Едната опција е оваа, којашто ја нуди оваа Влада, на реформи, на промени, на испорака за граѓаните и втората опција е онаа опција која години наназад, би рекол повеќе од две децении, ја криминализираше државата, ги уништуваше институциите и практично ја клекна дрвата и граѓаните. И тоа е изборот, нема трета опција. Би сакал да слушнам од г. Таравари која опција е за него бидејќи јас не гледам трета опција“,
рече вчера Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања во Штип.
Таравари, пак, на настан во Тетово вчера изјави дека остануваат на одлуката донесена од Централното претседателство на локалните избори да одат со посебни советнички листи и дека ќе го слушне ставот на премиерот, по што ќе проценат како партија како ќе продолжат понатаму.
Во однос на напуштањето на владината коалиција, Таравари изминатиот период рече дека тие ќе излезат од Владата само доколку премиерот смета дека не се потребни.
Премиерот, пак, вели дека со или без Таравари во Владата, таа е стабилна, цврста и со големо мнозинство, како и дека во животот никого не молел, ниту, пак, има намера некого да моли.

Турбуленциите што ги предзвика крилото на Алијанса за Албанците во владиниот партнер ВЛЕН, по што претседателот на Беса, Билал Касами, рече дека додека едни заминуваат, други може да им се приклучат, ги подгреа шпекулациите за тоа кој би можел да ја смени страната и да премине од опозиција во власта.
Според Касами, веќе има понуди, барања и разговори со други политички фактори од опозицијата, кои биле подготвени да бидат дел од владиното мнозинство.
Партиите на турската етничка заедница во Македонија, од кои две се членки на опозицискиот „Европски фронт“ предводен од ДУИ и имаат пратеници во Собранието, се дел од од шпекулациите за можните трансфери. За ова денеска во парламентот говореше пратеникот Сали Мурати од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, кој отфрли таква можност, додека во изјава за „360 степени“ пратеникот и лидер на Демократската партија на Турците, Бејџан Иљас, не беше толку категоричен.
Тој не ја исклучува можноста за преминување во владејачкото мнозинство доколку се отвори потреба, но вели оти засега немаат добиено официјална покана.
Во изјава за „360 степени“, Иљас денеска рече додека нема покана продолжуваат со „Европски фронт“, а доколку таа стигне и почнат преговори за нивен влез во Владата, тоа ќе биде директно со премиерот, а не со коалицијата ВЛЕН.