Во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 тема беа предизвиците во спроведувањето на Законот за употребата на македонскиот јазик, а соговорници – Менка Андреева, директорка на Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик, Симона Груевска-Маџоска, претседателка на Советот за македонски јазик, и Симон Саздов, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ

360°: Каков ќе биде пристапот кон казните предвидени да ги изрекува Инспекторатот за употребата на македонскиот јазик?
Андреева: Казнената политика односно казните коишто се предвидени во рамките на законот во моментов забележувам дека се интересни и наидуваме на повеќе прашања. Меѓутоа, она што сакам да го истакнам е дека целта на Инспекторатот е да го заштити јазикот и најпрво ќе реагира превентивно со тоа што при превентивните инспекциски надзори треба да биде утврдена моменталната состојба на терен, за да можеме да направиме целосна анализа како понатаму би реагирале и како би продолжиле со целокупната работа.
360°: Значи, не веднаш казна?
Андреева: Така, значи најпрво ќе следуваат превентивни иснпекциски надзори, со записници утврдени, на самото место на инспекцискиот надзор, неправилности. Доколку бидат утврдени неправилности, ќе има определен временски рок институцијата да може да ги острани или да вработи лектор, доколку нема, потоа со определен временски рок да ги отстрани неправилностите во службените документи, во јавните акти.
360°: Даден ли е некаков разумен рок во којшто тоа треба да се коригира или вие ќе ги задавате роковите?
Андреева: Ние ќе ги задаваме роковите. Она што сме го разговарале е минимум две недели.
360°: Но, ако некој нема лектор, за две недели не може да го вработи?
Андреева: За вработување лектор секако дека е потребно повеќе време, промена на систематизација во рамки на институциите, постапката ја знаеме, така што ќе определиме и подолг временски период.
360°: Во неформален разговоро пред емисијата зборувавме за тоа дека во Собранието наводно има само двајца вработени лектори, во Владата наводно нема ниеден. Што би бил разумниот рок во кој ќе треба тие да се доекипираат?
Андреева: Видете, нашата следна цел е да разговараме со сите иснтитуции, да поставиме соработка и заеднички да го определиме рокот колку би бил, кој би бил најсоодветен и најразумен, да не ги ставиме институциите во незавидна положба.
360°: Сето тоа подразбира и финансиски импликации, со правнички речник да се изразам, ако немаат предвидено, ќе треба да предвидат буџети за вработувбање, па да се предвидат места во систематизациите, ќе треба време…
Андреева: Да, затоа ги спомнувам и министерствата бидејќи тука спаѓа и Министерството за финансии. Треба да видиме дали имаат предвидено пари во буџетот, ако немаат, за наредната година да се предвидат. Така што, нашата соработка веднаш по регистрирањето на Инспекторатот ќе биде со институциите да можеме да направиме убав стратешки план за понатамошна соработка.
360°: Што е со приватните компании?
Андреева: Истото се однесува и за приватните компании, за сите претпријатаја што се формирани по закон и тие треба да имаат, да обрнаат внимание на лекторирањето на деклараците.
360°: Што не значи дека мора да имаат вработено лектор?
Андреева: Па, не значи дека мора да имаат вработено лектор затоа што доволно е, на пример, хонорарно или со договорни услуги да ангажираат лектор по потреба.

360°: Услов е да пишува кој го лекторирал документот.
Андреева: Да, услов е на декларацијата на производите да стои името на лекторот и неговите лични податоци за да може да се контактира.
360°: „Гугл транслејт“ не се прифаќа.
Андреева: Не се прифаќа.
360°: Професорке Груевска-Маџоска, според вас, кои се областите во кои најургентно треба да се реагира?
Груевска-Маџоска: Многу се, јас морам да кажам, исто така, дека со нетпрение очекувам Инспекторатот да започне да работи бидејќи за мене долгогодишен проблем навистина е статусот на македонскиот јазик во Македонија во смисла на таблите на институциите. Ние имаме јасна законска регулатива и во Уставот е пропишано дека македонскиот јазик е прв, другите јазици може да бидат по македонскиот јазик зависно од кој јазик, зависно во која единица на локалната самоуправа, може да има и трет и четврти службен јазик, но македонскиот јазик треба да биде на прво место. Ние сите знаеме дека тоа не е така со години, тоа го зборуваме, во таа смисла сакам да кажам дека ние укажуваме на многу работи, но не се презема ништо и мислам дека Инспекторатот е вистинската институција што ќе треба да направи надзор во сите едници на локална саоуправа, но не само таму. И дополнително, уште еден проблем, тоа е едно прашање што го поставувам – врз основа на која законска регулатива англискиот стана службен во Македонија, бидејќи јас не знам дека некаде тоа е пропишано, а ние гледаме во Клинички центар, на пример, на таблите на болниците имаме на македонски, на албански, на англиски јазик. Е сега, мене ми е зошто се појави англискиот јазик како службен јазик, од кој закон тоа произлегува!?
360°: Вашата сугестија би била дека треба да се предвиди законска основа или дека воопшто не треба да се употребува?
Груевска-Маџоска: Не, не треба да се употребува англсикиот јазик. Можеби само на одредени, мал број институции, каде што има потреба – претседателот на државата и Министерството за надворешни работи можеби, но нема зошто англискиот јазик да биде на која било друга институција. Ние знаеме, одиме во други држави, гледаме таму дека таблите се само на еден јазик.