Советот за македонски јазик е отворен за консултации со лекторите практичари, редовно на седници решаваме дилеми, а целта е унификација на јазикот. Сепак, зголемената употреба на интернационализми загрижува, велат јазичарите учесници во дебата во „360 степени“ на МРТ 1

Претседателката на Советот за македонски јазик, Симона Груевска-Маџоска, вели дека ова тело се обидува да помогне за решавање на одредени јазични дилеми кои се појавуваат во практиката.
„Веќе добиваме и одговараме на прашања од лектори коишто се вработени во институции. Ги ставаме на седница и го испраќаме одговорот за јазичните дилеми што ги имаат тие како лектори, бидејќи сите се соочуваат со тоа, па им треба помош од некое повисоко тело“,
вели таа.
Груевска-Маџоска, во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, посочи и конкретен пример.
„Во Советот имавме прашања дали во однос на законите треба да се каже ‘стапи на сила’ или ‘влегува во сила’. Ние одговоривме дека ‘влезе/влегува во сила’ треба да биде префериран одговор. Се разбира, не е погрешна ни другата форма, но кога се сака да се унифицира сè и да биде исто, тоа е нашата препорака, бидејќи и во Уставот е напишано ‘влегува во сила’“,
рече таа.

Професорот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, Симон Саздов, посочи дека треба да се обрне внимание на преголемиот наплив на интернационализми.
„Веќе нам како да ни се потребни речници коишто ќе ни ги објаснат домашните зборови наспроти странските. Излегува дека толку е англискиот навлезен во нашето секојдневие што секој човек употребува многу повеќе интернационализми отколку зборови од дома, коишто не само што ги има, туку се извонредно многу на број. Ние имаме сосема добра домашна лексика, меѓутоа, за жал, не се познава“,
оценува професорот Саздов.

Професорката Груевска-Маџоска проблемот го детектира во односот на сите говорители на јазикот, кој, вели таа, треба да биде со повеќе почит и кон самиот македонски јазик и кон професионалците.
„Сме реагирале за некои зборови коишто навлегуваат во македонскиот јазик за коишто ние имаме соодветни зборови, но прашањето за мода во јазикот, исто така, е многу важно. Зошто се преферира или се дава предност на странскиот збор? Ние сме укажувале, а веројатно останатите граѓани немаат доволно, можеби, почит кон нас или кон самиот јазик да го чуваат, да биде во најдобрата своја форма“,
рече претседателката на Советот.
Таа го посочува примерот со Хрватска, каде што има и годишен конкурс за нов збор.