Директорката на Инспекторатот вели дека инспкеторите не мора да бидат лектори со лиценца, туку, на пример, правници зашто првично ќе проверуваат дали институцијата во која ќе вршат надзор има лектор, кој, пак, лично ќе биде одговорен за квалитетот на својата работа

Инспекторатот за употребата на македонскиот јазик има буџет за годинава да вработи пет инспектори. Ова го најави директорката на Инспекторатот, Менка Андреева, именувана на оваа позиција од Владата на 18 март, во согласност со Законот за употребата на македонскиот јазик донесен во јануари 2024 година.
„Систематизацијата веќе е целосно готова. Исто така, и стратешкиот план на Инспекторатот. Така што, изминатиов период имав можност и време да размислам целосно како би изгледал Инспекторатот. Според закон, мораме да предвидиме два сектора од коишто до овој момент имаме испланирано сектор за административно-правни работи и сектор за инспекциски надзор коишто понатаму се делат на одделенија“,
рече Андреева во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
Државниот инспекторат ќе биде сместен во поранешната зграда на „Нова Македонија“ во Скопје, а досега не се планирани подружници во внатрешноста.
Она што го потенцира Андреева е дека законот не условува инспекторите да бидат лектори.
„Јас би оставила простор тука да можат да се вработат луѓе коишто се дел од општествените дејности, имаат дипломирано, затоа што тука би можеле да вработиме и правници, не само лектори. Бидејќи задачата на инспекторот во текот на инспекцискиот надзор ќе биде да утврди дали институцијата, за почеток, има вработено лектор, а не целосно да ја проверува работата на лекторот затоа што тој ќе биде задолжен да ги лекторира актите на институцијата“,
вели диреторката на Инспекторатот.
Според Симона Груевска-Маџоска, претседателка на Советот за македонски јазик и редовна професорка на Институтот „Крсте Мисирков“, еден од почетните предизвици ќе биде дали има доволно интерес кај лекторите да бидат дел од институциите. Иако има повеќе од 500 лектори со лиценца во државава, таа го наметнува прашањето и колку од нив се квалитетни и дополнува дека законот предвидува механизам за одземање лиценца на лектор.
„Советот има право да поведе постапка за одземање лиценца. На иницијатива на Советот, министерот за кутлура и туризам одлучува. Тоа е чувствително прашање бидејќи се случуваат проблеми кога лекторот навистина не е виновен. Се случува тој да си ја заврши работата, но потоа корекциите да не бидат внесени. Навистина комплексно прашање е тоа. Сè уште не се поставило како прашање во работата на Советот, ќе видиме во иднина ако се случи нешто навистина, можеби ќе го искористиме тоа право. Засега не“,
вели Груевска-Маџоска.