Македонскиот револуционер Гоце Делчев загинал на денешен ден во 1903 година во селото Баница, денешна Грција, во битка со османлиските војски
Денеска, 4 мај, се одбележува 122 година од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев. По тој повод, бројни делегации и граѓани ќе можат да положат цвеќе пред гробот на револуционерот во црквата „Свети Спас“ во Скопје, а во Собранието ќе биде доделена државната награда „Гоце Делчев“ за значајни остварувања во областа на науката.
Според најавите, во црквата „Свети Спас“ цвеќе ќе положат премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование, Весна Јаневска, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а присуство најави и лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче. Во делегацијата од Собранието, ќе бидат присутни потпретседателот, Антонијо Милошовски, пратениците Велика Стојкова-Серафимовска, Сања Лукаревска и Павле Арсовски.

Државната награда „Гоце Делчев“ за 2025 година за особено значајни остварувања од интерес за земјава во областа на науката се доделува на научното дело „Македонски дијалектен атлас“ од ризницата на картотетката-лексички материјали“ на група автори: проф. д-р Веселинка Лаброска, акад. проф. д-р Марјан Марковиќ, проф. д-р Коста Пеев, проф. д-р Васил Дрвошанов, проф. д-р Елена Стоевска-Денчова, проф. д-р Светлана Давкова-Ѓоргиева, проф. д-р Гоце Цветановски, д-р Ангелина Панчевска, м-р Соња Миленковска, д-р Давор Јанкуловски, д-р Македонска Додевска, д-р Дарко Томовски, м-р Ѓорѓе Геновиќ, проф. д-р Аритон Поповски, проф. д-р Маријана Киш и проф. д-р Убавка Гајдова.
Македонскиот револуционер Гоце Делчев загинал на денешен ден во 1903 година во селото Баница, денешна Грција, во битка со османлиските војски
По убиството на Делчев на 4 мај 1903-та, неговите посмртни останки се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчегот со коските се чувал во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.