Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска ќе го одбележи Меѓународниот ден на трудот 1 Мај со синдикален протест, на кој ќе побара повисоки плати за работниците и подобри услови за работа
По повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, политичарите и политичките партии упатија честитки до граѓаните, но и пораки ветувања дека ќе работат на подобрување на стандардот на работниците.

Од владејчаката ВМРО-ДПМНЕ посочија дека посветено ќе работат на создавање нови економски политики, што ќе овозможат отворање нови работни места, подобрување на стандардот и креирање општество во кое секој граѓанин ќе има можност за напредок и просперитет.
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, посочи дека отсекогаш стоеле на страната на работниците.
„Додека бевме на власт, се боревме за покачување на платите, за подобри услови за работа, за сигурност и почит за секој работник. Сега, и во опозиција, продолжуваме со таа борба“,
вели тој.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, рече дека ова е денот кога оддаваме признание на сите оние кои живеат од својот труд, кои чесно ја извршуваат својата работа, придонесувајќи за подобра иднина за себе, за своите семејства и за целото општество.
„Како државни институции, наша врвна обврска е да создаваме услови за сигурна, правична и достоинствена работа за сите. Вашиот труд заслужува да биде вреднуван соодветно, со почит и со поддршка“,
вели Гаши.
Министерот за јавна администрација Горан Минчев упати честитка до сите работници во државата, со посебна благодарност до административните службеници, кои, како што вели, се „двигатели на секојдневното функционирање на државата“.
„Работиме на администрација која ќе биде партнер на бизнисот, поддршка на граѓаните и двигател на европските интеграции. Времето на неефикасност и политички влијанија мора да остане зад нас. Нашата цел е модерна администрација по европски стандарди – достапна, професионална и ориентирана кон резултати“,
напиша тој во честитката.
И министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска упати честитка до сите работници во енергетскиот сектор – од рудниците, преку електраните, до мрежите за пренос и дистрибуција на енергија.
„Почитувани работници на енергетскиот сектор, почитувани рудари, енергетичари, техничари, инженери, геолози, електричари, оператори и сите што го движите срцето на енергетскиот систем – ви го честитам 1 Мај, Денот на трудот, со длабока почит за тоа што секојдневно го вложувате. Без вашиот труд – нема струја, нема топлина, нема индустрија. Вие сте тие што ја носите енергијата до секој дом, под земја и на далновод, во смени, во тешки услови, и секогаш со одговорност. Вие не сте само дел од системот – вие сте силата што ја држи државата исправена“,
вели Божиновска.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска ќе го одбележи Меѓународниот ден на трудот 1 Мај со синдикален протест, на кој ќе побара повисоки плати за работниците и подобри услови за работа.
Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) нема да учествува на протестот оти сметаат дека во државата има добар социјален дијалог, како и дека проблемите се решаваат на маса.