Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) нема да учествува на протестот, оти сметаат дека во државата има добар социјален дијалог, како и дека проблемите се решаваат на маса
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска ќе го одбележи Меѓународниот ден на трудот 1 Мај со синдикален протест на кој ќе побара повисоки плати за работниците и подобри услови за работа.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, вчера соопшти дека денешниот протест ќе се одржи во 11 часот, со маршрута на движење од Работничкиот дом, преку Собранието и Стопанската комора до Владата.
Според ССМ, на 1 Мај синдикалците излегуваат на протест да бараат зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра, да бараат зголемување на сите други плати за 100 евра, почитување на колективните договори и зголемување на сите плати на работниците.
Трендафилов најави дека на протестот ќе се приклучат и други синдикати што како ССМ застануваат на страната на работниците.
Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) нема да учествува на протестот во организација на ССМ.
Нејзиниот претседател Благоја Ралповски рече дека во државата има добар социјален дијалог, како и оти проблемите се решаваат на маса.
Меѓународниот ден на трудот е државен празник во над 80 земји во светот. Во повеќето држави на овој ден се одржуваат протестни маршови во знак на правата на работниците.