Од кабинетот на претседателот на Собранието велат дека до нив сè уште не е доставено официјално известување

Пратеникот Беким Ќоку најавил дека ќе биде нов координатор на пратеничката група на коалицијата ВЛЕН, која ќе биде составена од девет пратеници. Тој ова го потврдил за телевизијата Алсат, пренесува МИА.
Од Собранието велат дека до нив сè уште не е доставено официјално известување.
„До овој момент нема пристигнато никакво писмо по однос на прераспределба на пратеници во пратенички групи. Процедурата во однос на пратеничките групи во Собранието е уредена со Деловникот“,
велат од кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши, за МИА.
Халил Снопче, пратеник од крилото на Алијансата на Албанците, предводено од Арбен Таравари, денеска рече дека тој сè уште е координатор на пратеничката група на ВЛЕН од 14 пратеници бидејќи уште не е формирана нова пратеничка група.
Тој рече дека доколку од ВЛЕН со девет потписи се обратат до Собранието дека имаат формирано нова пратеничка група, тогаш по автоматизам Алијанса за Албанците ќе дејствува со пратеничка група од петмина пратеници.
Беким Ќоку е пратеник од Самоопределување, која е во коалицијата ВЛЕН заедно со Демократско движење на Изет Меџити, движењето Беса на Билал Касами и Алтернатива на Зеќирија Ибрахими.
Најавата за нова пратеничка група доаѓа откако партиите од владејачката коалиција ВЛЕН вчера изјавија дека ќе дејствуваат како еден политички субјект, под истото име, а за вчерашната средба во Скопје рекоа оти била прва на претседателството на ВЛЕН.
Во ВЛЕН веќе не е крилото на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, кој најави дека на локалните избори ќе излезат со сопствени советнички листи, што беше причина да се состанат лидерите и високи функционери на коалицијата ВЛЕН, а по состанокот рекоа дека одлуката на АА е донесена во интерес на ДУИ, чија суштина јавноста многу бргу ќе ја разбере.
Изет Меџити тогаш рече дека ВЛЕН не го исклучила Таравари од коалицијата, туку тој се самоисклучил.
Инаку, дека има несогласувања во ВЛЕН, Таравари откри во интервју за „360 степени“, емитувано на 31 март. Во него тој говореше и упати критики за начинот на кој ВЛЕН функционира во Владата, оценувајќи го за „тромо“ и со „многу недостатоци”.