Оттаму посочија дека за разлика од СДСМ, Владата преземала конкретни мерки, како контрола на цените и маржите, зголемување на пензиите, поддршка на ранливите категории, раст на БДП и инфлација под контрола
Партијата што ја донесе државата до работ на економски колапс, сега глуми загриженост за животниот стандард на гражаните, реагираат денеска од владејачката ВМРО-ДПМНЕ откако опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), коментирајќи ги владините мерки обвини дека наместо решенија за цените, добивме само маркетиншки трикови и привремени потези што немаат реален ефект.
„СДС и ДУИ четири години живееја на грбот на граѓаните. Нема производ што не го поскапеа, нема данок што не го покачија, нема сиромашен што не го направија уште посиромашен“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека кога СДСМ зборува за поскапувања – тоа е како пироман да држи лекција за гаснење на пожари.
„Додека народот пресметуваше дали да купи леб или лекови, нивните функционери со луѓе блиски до Заев и Филипче шетаа по Малдиви, плаќаа луксузни авиокарти и купуваа маички од државна сметка“,
се вели во сзоопштението од владејачката партија.
Велат дека за разлика од СДСМ, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ преземала конкретни мерки, како контрола на цените и маржите, зголемување на пензиите, поддршка на ранливите категории, раст на БДП и инфлација под контрола.
„Тие потсетуваат на времето кога државата беше претворена во банкомат на партиски играчи. Нивните критики се обид за рехабилитација на сопствената политичка мизерија“,
Од СДСМ сметаат дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не само што не успеа да ја стабилизира ситуацијата со економската криза туку ја влоши со низа неефикасни и задоцнети мерки.
Велат дека уште пред неколку месеци предложиле пакет од седум закони што директно можат да влијаат на стабилизација на пазарот и на раст на платите, но оти владејачката партија ги игнорира сите предлози, избирајќи да работи со популизам и политичко калкулирање.
Според пратеникот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и поранешен вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи, Северна Македонија се соочува и со неповолен факт, односно има најниска проекција за економски раст во регионот на Западен Балкан за 2025 година и под регионалниот просек од 3,2 отсто.