„Она што Македонците можеби не можеа да го освојат со илјадници пушки и стотици топови, небрежанецот, Македонецот Конески, успеа да го освои само со перото“, вели иницијаторот за обнова на родната куќа на Блаже Конески во прилепско Небрегово, Миле Спиркоски
Бевме во Спомен-домот „Блаже Конески“ по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик и 80-годишнината од неговата кодификација. По обновата во 2005 година, куќата е во солидна состојба, но за значењето и големината на Конески, недоволно е посетувана
На 18 километри северно од Прилеп се наоѓа селото Небрегово. Има стотина жители и многу куќи изградени од камен. Но една од нив има особена важност.
„Јазикот е нашата татковина“, рекол големиот Блаже Конески, таткото на современиот македонски литературен јазик. Тоа е само дел од неговата богата професионална биографија. Неговата животна приказна тргнува токму од родната куќа во прилепско Небрегово.
Конески е роден во 1921 година во куќата што сега е негов Спомен-дом, прогласен за споменик на културата и заштитен со закон. Во неа живеел до седумгодишна возраст, кога завршил прво одделение.

Кустосот Горанче Цветкоски вели дека прилепскиот музеј во овие простории се обидел да го долови периодот од неговото детство.
„Слика од прво одделение, дневникот од училиштето. Сакавме да ја прикажеме автентичноста бидејќи не можеме сè да вратиме назад. Еве вистински како изгледала куќата пред нејзиното обновување во 2005 година. Славиме 20 години од нејзиното возобновување. Некогашната куќа во која живеел Блаже Конески, и е роден, е олицетворение на една рурална архитектура која го кажува начинот на живеењето. Се занимавале со земјоделство, со тутун претежно, со сточарство, неколку кози и крави. Така одел начинот на живеењето“,
вели Горанче Цветкоски – кустос во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп.
Имале дневен престој за одмор по напорниот ден со отоман вдолж целиот ѕид и колепка за децата. Дел од експонатите се оригинални од семејството Конески, а дел се собрани од други домаќинства во селото. Сите сведочат за тоа време.

На горниот кат има две простории. Во едната е сместен разбојот на кој најмногу ткаела неговата баба. Во другата соба, пак, е пресликана просторијата во која Конески работел и творел. „Оваа просторија е автентично донесена од неговата работна соба во домот во Скопје каде што живеел“, вели Цветкоски.

Ако воопшто е можно да се наброи во една реченица – Конески е кодификатор на македонскиот стандарден јазик, ги изработил и составил граматиката и правописот, уредник е на речникот, еден од основачите и прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите, член на академиите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго и Лоѓ, поет, прозаист, есеист, публицист, литературен критичар, еден од основачите на Друштвото на писатели на Македонија и негов прв претседател, а неговите дела се преведени на многу јазици.

„Со сите овие плакети, благодарници и повелби, Блаже Конески е наградуван. Доделувани му се во земјава и странство за неговиот животен век и животен пат, литературен пат, културен пат, кога ги афирмирал македонскиот јазик и Македонија воопшто. Неговата големина, сите во околинава па и пошироко го споредуваат со Вук Караџиќ во Србија, со Прешерн во Словенија, со Гете во Германија. Големината на македонскиот јазик во која тој творел е токму ова. Ова место дава спомен, дава надеж и дава поттик дека ние мора да го продолжиме неговото дело“,
вели Горанче Цветкоски – кустос во Спомен-дом „Блаже Конески“ – Небрегово.
Цветкоски вели дека наследството на Конески е огромно и дека тоа мораме да го истакнуваме.
„Неговиот збор го кажува тоа дека татковината е до таму до каде што ни е јазикот. Е, толку е богато и големо културното наследство што го оставил Блаже Конески. Со самата таа синтагма сè кажал. Ние само треба да го продолжиме делото и да продолжиме и таму каде што можеме македонскиот јазик да го издигнуваме на ниво за да немаме понатаму никакви последици или проблеми со сите останати“,
додаде Цветкоски.
Во Спомен-домот ненајавено и по првпат дојдоа во посета потомци на пошироката фамилија Конески. Откако ја разгледаа поставката и слушнаа детали за нивниот предок Блаже Конески што досега не ги имаа слушнато, им надојдоа силни емоции. Тие сега живеат во Швајцарија. Преку истакнатите фотографии се обидоа да состават барем дел од семејното стебло.

„Тоа е братот на мојата баба Васка кој се вика Ордан Конески. Мојата баба е родена во селото Небрегово, меѓутоа се омажила во соседното село Дреновци. Наместо да го прими презимето од сопругот, Стеваноски, си го носи гордо своето презиме. И нејзиниот сопруг го зеде презимето Конески од неговата сопруга. И така јас успеав да го носам презимето Конески. Јас сум четврта генерација. Ова е мојата ќерка Лена Конеска. И таа ја има истата желба како нејзината баба Васка. Самата кажува – јас нема да го избришам моето презиме Конески“,
рече Маријан Конески.
Иницијативата за обнова и заштита на куќата на Конески е на Миле Спиркоски, кој по мајка е небрежанец. Тој сега е во пензија, а бил првиот кустос во Спомен-домот. Идејата тргнал да ја реализира уште во 1994, една година по смртта на Блаже Конески. Една деценија подоцна станала реалност.

Спиркоски вели дека еден од најважните податоци од биографијата на Конески е дека учествувал во првата Комисија за кодификација на македонскиот јазик. Нејзините членови се соочувале со силни притисоци.
„Пример, Ѓорѓи Киселинов во воведното излагање кажал дека мора да дојдат тогашните познати руски филолози Бернштајн и Державин, а Конески страшно се изнервирал. Потоа силно било политичкото влијание и Комисијата ги менувала своите ставови. По три дена, Конески ја напуштил просторијата. Веднаш бил повикан од двајцата највлијателни членови на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто и Панко Брашнаров. Зошто бегаш? Тој им одговорил – ако треба да постапиме на начин што ќе ги задоволи нашите северни соседи и нашите источни соседи, значи нашиот јазик или ќе се бугаризира или ќе се србизира, ако дојдат тие двајца руски филолози. Плус, тука има луѓе на кои не им е местото таму. Единствено тој ја напуштил комисијата, а имал неполни 23 години, јас имам оригинална фотографија од тоа време. Значи младост-лудост“,
вели Миле Спиркоски – пензиониран кустос во Спомен-дом „Блаже Конески“.
Според Спиркоски, поради ваквата реакција на Конески, била расформирана првата Комисија и составена нова во која задачата ја добил токму тој.

фото: “360 степени“
Идејата за обнова на куќата во Небрегово претходно тлеела долго. Спиркоски истражувал, собирал документи, разговарал со релевантни луѓе и добивал поддршка од институции. Собрал и многу етнографски предмети.
„Бев наоружан со знаење, ова нека слуша цела Македонија, исклучиво од професорот Људмил Спасов. А ми беше мене многу уплашено окото. Тој многупати имаше обичај да рече – ти ќе работиш и лесна работа е. Како е тоа лесно, си велев. Конески е огромно, џиновско творештво. Меѓутоа, тој ме натовари, не буквално, ама кога би ги собрал би имало една вреќа дебели зборници како библии. Над 750 книги. Тоа е над 750 позиции. Разни магистарски, трудови, докторски дисертации. Сето тоа е публикувано. Човек само да помисли на насловите. Кој може да ги запомни, а камоли да нурне во книгите“,
вели Миле Спиркоски – пензиониран кустос во Спомен-дом „Блаже Конески“.
Тој апелира во програмите за посети и екскурзии на училиштата да се вметне задолжителна посета на Спомен-домот „Блаже Конески“.
„Доаѓале училишта, не велам дека не доаѓале, ама не онака како што посакував јас и професорот Спасов. Се има случено, кога ќе почнам да им објаснувам, и најнемирните ученици креваат раце или едноставно тоа се претвора во гробна тишина. Им се одземаше здивот од сè тоа она што ќе го слушнат“,
вели Спиркоски.
Во пресрет на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, кога ќе се одржат и главните настани за одбележување на 80-годишнината од неговата кодификација, Спиркоски упати порака со која ја истакнува историската улога на Конески.
„До неговата појава, на неговите сонародници им беше велено дека се де Срби, де Бугари. Конески ја изврши својата патриотска задача во бурни историски околности. Она што Македонците можеби не можеа да го освојат со илјадници пушки и стотици топови, небрежанецот, Македонецот Конески успеа да го освои само со перото. И на крајот, можеби заслужува да го речам ова – многу почитуван професоре Конески, сакан наш учителе, со длабока почит пред твоето дело останува нашиот завет да го чуваме, зборот ќе го повторам и подвлечам со остра линија, да го чуваме зборот мајчин македонски“,
порача Спиркоски.
Во близина на Спомен-домот е училиштето во кое Блаже Конески завршил прво одделение. Во него сега е штуро. Но истакнати се важни експонати – дневникот на неговата учителка Милица и нејзината заклетва, како и списокот со ученици. Веднаш до училиштето е црквата „Свети Никола“ опеана во песната Црква на Блаже Конески.

Во тек се активности за и овие два објекта да бидат обновени и заштитени со што ќе биде комплетиран поголем комплекс кој ќе сведочи за животот и делото на великанот Блаже Конески во неговото родно Небрегово.