Според претседателот на телото задолжено за оценување, избор и разрешување на судиите, она што треба да се промени е начинот на кој се прават реформите, да се промени матрицата на размислување и конечно, како што посочи, судството да ја добие финансиската независност што му припаѓа согласно законот и Уставот
„Ако веќе реформираме финансиска независност, судството треба навистина да ја добие, а не за секое едно вработување, од судски полицаец до, не знам, шеф на некое одделение, ние да мораме да добиваме согласност. И тоа оди бавно, некогаш не добиваме согласност и доаѓаме до ситуација да имаме алармантен недостиг од помошен кадар во судовите“, изјави Камбовски по отворањето на денешната конференција на тема „Зајакнување на судската независност и одговорност преку поголема ефикасност на постапките“
Не можеме да зборуваме за независно судство доколку тоа е финансиски зависно од некоја од другите власти, вели претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски.

Тој ова го кажа во изјава за медиумите по отворањето на денешната конференција на тема „Зајакнување на судската независност и одговорност преку поголема ефикасност на постапките“, организирана од Здружението на судии на Република Северна Македонија со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Финансиската автономија на судот беше и во фокусот на негово обраќање на конференцијата, во кое кажа дека независноста на судството не е привилегија на судиите, туку суштинска гаранција за правата и слободите на граѓаните.
„Судот не може да биде независен ако не располага со финансиска автономија. Реформите мора да значат суштински промени, не само законски измени, туку промена во организацијата, пристапот и менталитетот во системот“,
рече тој во излагањето.
Дополнително образложувајќи ја оваа негова позиција, Камбовски, одговарајќи на новинарските прашања по настанот, се согласи дека реформите во судството што се правеле во минатото не вродиле со плод, но, како што кажа, тоа не значи дека треба да се престане со нив.
Според претседателот на телото задолжено за оценување, избор и разрешување на судиите, она што треба да се промени е начинот на кој се прават реформите, да се промени матрицата на размислување и конечно, како што посочи, судството да ја добие финансиската независност што му припаѓа согласно законот и Уставот.
„Тоа е една од основите бидејќи судовите и судството не се само зградите во коишто постојат, тие згради треба да бидат опремени, таму работат судии, работи персонал којшто ги опслужува тие судии, имаме записничари, имаме судски службеници, а во моментов се соочуваме со катастрофален недостиг на кадар. И судиите, тие што се, прават вонредни напори да бидат ефикасни во своите постапки“,
рече Камбовски.
За секое вработување, како што наведе, судот мора да добие согласност од Министерството за финансии, потсети тој.
„Ако веќе реформираме финансиска независност, судството треба навистина да ја добие, а не за секое едно вработување, од судски полицаец до, не знам, шеф на некое одделение, ние да мораме да добиваме согласност. И тоа оди бавно, некогаш не добиваме согласност и доаѓаме до ситуација да имаме алармантен недостиг од помошен кадар во судовите“,
кажа претседателот на Судскиот совет.
Прашан дали овие барања ќе ги предложи во рамките на законските измени за Судскиот совет што се подготвуваат во Министерството за правда, Камбовски вели дека и во актуелното законско решение е предвидено судската власт да добива 0,8 проценти од буџетот на државата, но проблемот е што тоа досега никогаш не се случило.
„Според (актуелниот) закон, 0,8 проценти од буџетот треба да оди за судската власт, но мислам дека врвот што ние сме год. добиле бил 0,35 проценти. И секако дека реагираме. Во постојан контакт сме со Министерството за финансии“,
вели тој.
Прашан за нискиот рејтинг на судството и барањето оставки кои доаѓаат за членови на Судскиот совет, Камбовски вели дека тоа не се реформи.
„Оставките не се реформа. Судскиот совет е скоро целосно променет. Овој впечатокот што се влече, се влече од минатиот состав на Судскиот совет. Сега како што знаете, половина од членовите кои го сочинуваат Судскиот совет се променети. И законодавецот и уставотворецот така го замислиле Судскиот совет, внатре постојано да има флуктуации на нови членови, да немаме сè едни исти членови. А доколку сакаме навистина да направиме некоја реформа, таа се прави на друг начин, со промена на законот со намалување на мандат, со професионализација на Судскиот совет, на јавнообвинителскиот совет, а само со персонални промени, која ви е гаранцијата дека новите членови коишто ќе дојдат ќе бидат подобри“,
рече тој во изјавата за медиумите.
Инаку, на настанот денеска свое обраќање имаше шефот на Мисијата на ОБСЕ во земјава, амбасадорот Килијан Вал, кој рече дека ефикасноста во судските постапки не е само административно прашање, туку стратегиска насока.
„Потсетуваме на уникатната одговорност на правосудниот систем да ги заштити човековите права и да осигура дека правдата е овозможена. Сите сме свесни за предизвиците кои потекнуваат од притисоци, бавни постапки и корупција. Токму овие предизвици ја намалија довербата на јавноста во правосудниот систем“,
рече Вал.

Тој најави дека во наредниот период Мисијата на ОБСЕ ќе се фокусира на поддршка на легислативните реформи и институционалните подобрувања во судството.
„Веруваме дека преку реформи, инвестиции и акција можеме да ја обновиме довербата на граѓаните. Правдата мора да превладее, не само во теорија туку во пракса. Само преку акција се случуваат промените“,
кажа тој.
Министерот за правда Игор Филков во понеделникот на прес-конференција информираше дека сите закони кои се дел од реформската рамка се подготвени и се во финална фаза на усвојување, додека пак за речиси две третини од нив изработено е целосно ново законско решение.
Како што кажа тој, веќе е изготвен предлог-законот за Судски совет, за кој рокот за носење е во јуни годинава и истиот е веќе доставен за мислење до Венецијанската комисија.