Како што појаснуваат од Министерството за енергетика, мерката, која првпат била применета за време на велигденските празници, подразбира привремено исклучување на фотоволтаични електрани со цел да се растовари електроенергетската мрежа и да се овозможи сигурно управување со системот во услови на зголемени флуктуации и оптоварување
Операторот на електропреносниот систем на земјава (МЕПСО) за претстојниот празник 1 Мај ќе активира мерки за да обезбеди непречено снабдување со електрична енергија, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Превентивната мерка, донесена по насока на ресорната министерка Сања Божиновска, им овозможува на МЕПСО и Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) привремено да исклучуваат фотоволтаични електрани заради растоварување на електроенергетската мрежа. Таа, се додава, веќе била активирана за време на велигденските празници.
Одлуката, како што информираат од Министерството, била донесена на вонреден состанок на министерката Божиновска со претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, и заменик-генералниот директор на МЕПСО, Александар Пауновски.
Состанокот се одржал во Атина, каде што тројцата учествуваат на Балканскиот енергетски самит.
„Овие два дена во Атина, каде што се одржува Балканскиот енергетски самит, разговаравме со колегите од регионот и се координиравме околу мерките што сите земји мора да ги преземат за стабилен систем. Како веќе информиравме, со координација меѓу сите клучни енергетски чинители и по насока на ENTSO-E, МЕПСО веќе примени дел од тие мерки за велигденските празници и успеавме да го неутрализираме ризикот од блек-аут – граѓаните имаа непречено снабдување со електрична енергија. Проценките се дека ваквата состојба ќе продолжи и за претстојните првомајски празници и затоа е неопходно овие мерки повторно да се активираат“,
вели министерката Божиновска.
Како што појаснуваат од Министерството, мерката, која првпат била применета за време на велигденските празници, подразбира привремено исклучување на фотоволтаични електрани со цел да се растовари електроенергетската мрежа и да се овозможи сигурно управување со системот во услови на зголемени флуктуации и оптоварување.
„Мерките предвидуваат примена на корективни диспечерски интервенции, односно привремено и наизменично исклучување на дел од фотоволтаичните електрани поврзани на преносната и дистрибутивната мрежа, со што МЕПСО ќе има целосна можност да го раководи системот и да ја обезбеди неговата стабилност“,
се наведува во соопштението.