Претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова, истакна дека граѓаните се бунат при пребарувањето низ повеќе онлајн списоци од различни маркети за да ги најдат потребните производи
Ристески најави дека по еден месец од имплементацијата ќе се сублимираат искуствата и можеби ќе се оди на креирање на општа веб-страница или збирна информација за цените

Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) досега нема добиено конкретни поплаки од граѓаните во врска со онлајн цените објавени од маркетите, но оттаму сметаат дека постои потреба од подобрување на нивната прегледност и препознатливост на производите.
Претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова, истакна дека граѓаните се бунат при пребарувањето низ повеќе онлајн списоци од различни маркети за да ги најдат потребните производи.
Лончар-Велкова вели дека е потребно развој на компаративна алатка, која со помош на вештачката интелигенција би можела побрзо да се развие, и која ќе овозможи унифициран и прегледен приказ на цените по групи и видови производи. Таа изрази жалење што многу добри идеи во земјава не се доразвиваат.
Во меѓувреме, утре истекува мерката за ограничување на маржите на основните прехранбени производи. Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, изјави дека досегашните резултати се добри, а конечна одлука за евентуално продолжување на мерката ќе биде донесена доколку има потреба. Ристески се надева дека учесниците во трговскиот синџир ја научиле лекцијата и ќе го стават во преден план животниот стандард на граѓаните.
Тој исто така информираше дека е при крај изработката на просечната потрошувачка кошничка од страна на Министерството за економија и труд, која по повеќе од 12-13 години ќе биде изготвена од официјална институција – Министерството за економија и труд.
Податоците од кошничката ќе се користат исклучиво за креирање на квалитетни економски политики за заштита на животниот стандард, а не за креирање на јавно мислење. Ристески не откри детали за содржината на кошничката, но нагласи дека ќе бидат користени цени од повеќе маркети и различни делови на земјата.
На прашањето дали има вклучено и одмор во земјата, Ристески рече дека има многу работи оценувајќи дека тие се квалитетни и оти се информации од Државниот завод за статистика и Државниот пазарен инспекторат.
Ристески додаде дека Државниот пазарен инспекторат активно работи на терен и ќе реагира на сите пропусти во примената на Законот за заштита на потрошувачи.
Тој смета дека во 21 век цените од сите маркети треба да бидат јавно и транспарентно презентирани пред граѓаните, кои сами ќе одлучуваат каде ќе ги трошат своите пари. Ристески најави дека по еден месец од имплементацијата ќе се сублимираат искуствата и можеби ќе се оди на креирање на општа веб-страница или збирна информација за цените.